Министерот за здравство Никола Тодоров денеска ги посети реконструираните простории во Здравствениот дом во Пехчево и направи увид во функционирањето на новонабавената опрема во текот на минатата година.
„Со 2,5 милиони денари во опрема и со 1,1 милион денари за реконструкција на покривот, Министерството за здравство минатата година создаде услови за поефикасна здравствена заштита на жителите од Пехчево и околните места“, изјави Тодоров, пренесе МИА.
Директорката на Здравствениот дом во Пехчево, д-р Драгица Апостолова, го информираше министерот дека поранешните потешкотии во работењето на таа здравствена установа се надминати со набавка на поголем број медицински апарати како ЕХО на срце, мамограф и други дијагностички апарати, но и со можноста за специјализација на докторите од таа јавна здравствена установа.
Во Здравствениот дом во Пехчево се вработени 34 лица медицински персонал, но има потреба од педијатар, за што е во тек конкурс и според најновите сознанија на директорката наскоро овој проблем ќе биде надминат бидејќи од Скопје се јавил кандидат за пополнување на тоа работно место.