Томас Бах ја повика Украина да престане да се заканува со бојкот на Олимпијадата во 2024-та

Претседателот на Меѓународниот олимписки комитет (MОК – IOK), Томас Бах, ја повика Украина да престане да се заканува и да повикува на бојкот на Олимписките игри во Париз во 2024 година, во случај на настап на руски и белоруски спортисти.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го повика МОК да ја забрани Русија од Олимписките игри, а неговото барање беше поддржано од националните олимписки комитети на нордиските и балтичките земји.

Претседателот на МОК, Томас Бах одговори на овие повици испраќајќи писмо до претседателот на Украинскиот олимписки комитет, Вадим Гутсаит, во кое тој истакна дека тврдењата дека дозволувањето на руски и белоруски спортисти да настапат ќе биде знак за поддршка на руската инвазија се „навредливи“.

МОК рече дека бојкотот ќе биде кршење на Олимписката повелба и дека вклучувањето на руски и белоруски спортисти се заснова на резолуцијата на Обединетите нации против дискриминација во олимпиското движење.

„Учеството на неутрални спортисти со руски и белоруски пасоши на Олимпијадата во Париз во 2024 година сè уште не е официјално ниту разгледувано“, напиша Бах.

Во јануари МОК објави дека на спортистите од двете земји може да им се дозволи да се натпреваруваат во азиски натпревари за да се здобијат со олимписки норми, каде што ќе настапуваат како неутрални, без истакнување на националните симболи.

Во заедничката изјава, украинските спортисти рекоа дека не можат да ги прифатат напорите на МОК да го „обедини целиот свет во мирно натпреварување“ со добредојде на руските и белоруските спортисти назад во олимпиското движење. Тие додадоа дека МОК „ја поддржува агресијата на (рускиот претседател Владимир) Путин“ и дека врховното олимписко тело „мора да избере страна во оваа војна“.

„МОК продолжува да биде на погрешната страна на историјата, а нивното писмо е нов доказ за моќта што Русија ја има над таа организација и олимпиското движење“, тврдат украинските спортисти апелирајќи на носење политичка одлука без преседан во спортската историја кога имаше бојкоти по сопствени одлуки на членките на олимпиското движење главно по линија на идеолошката поделеност во времето на Студената војна.

Во меѓувреме, градоначалничката на Париз, Ан Идалго го смени ставот за настапот на руските спортисти на Игрите во градот што таа го предводи, велејќи дека е незамисливо тие како делегација да учествуваат на свеченото дефиле додека „бомбите се сè уште паѓа врз Украина“.

Организацискиот одбор на игрите во Париз најави дека во ова прашање ќе се води според одлуката донесена од МОК.