Томас-Гринфилд: Русија да се исфрли од Советот за човекови права на ОН

Американската амбасадорка во ОН Линда Томас-Гринфилд повика на исфрлање на Русија од Советот за човекови права на ОН. За таква одлука ќе биде потребно гласање во Генералното собрание на ОН.

„Русија не треба да има позиција на авторитет во тело чија цел е да ги промовира човековите права. Тоа не е само врв на лицемерието, тоа е опасно“, рече амбасадорката Томас-Гринфилд, во обраќањето пред Советот за безбедност на ОН.

„Ова е момент кој бара одговорните светски сили и глобалните лидери да ја покажат својата кичма и да се спротивстават на руската опасна и со ништо неиспровоцирана закана за Украина и светот. Сите ги видовме ужасните фотографии. Безживотни тела како лежат на улиците, луѓе кои најверојатно се егзекутирани, со врзани раце зад грб“, додаде таа.

Според неа, „Америка проценува дека руски војници извршиле воени злосторства во Украина“.

„Секој ден гледаме се повеќе докази за тоа колку Русија има мало почитување на човековите права. Учеството на Русија во Советот за човекови права го поткопува кредибилитетот на Советот и ги поткопува целите ОН. Ова е едноставно погрешно“, заклучи амбасадорката Линда Томас-Гринфилд.