Откако губеа со 0-2 во финалето од доигрувањето на Источната конференција, кошаркарите на Торонто Рапторс со победата на гости од 105:99 успеја да дојдат до водството од 3-2 во серијата до четири во соочувањето со Милвоки Бакс и сега се само на една победа до големото финале на НБА лигата.
Милвоки беа во водство во поголемиот дел од натпреварот, во третата четвртина имаа 12 коша предност но во последната делница влегоа со само 3 поени водство. Кошаркарите на Торонто ја преземаа контролата во последната четвртина, поведоа со 8 коша (89:81), но домашните не се предаваа и на 2 минути и 44 секунди пред крајот израмнија на 93:93. Ова беше воедно и последното израмнување на мечот, бидејќи до крајот на двобојот играчите на Торонто не го испуштија водството.
Повторно кај Торонто брилјираше Каваи Леонард со 35 коша, од кои 15 во последната четвртина, а на тоа додаде 7 скокови и 9 асистенции. Се истакна и Фред Ванвлит кој постигна 21 поен со тоа што за „тројки“ гаѓаше 7 од 9. Паскал Сиакам дојде до учинок 14 коша и 12 скокови, а Кајл Лоури додаде 17 поени и 6 асистенции.
Кај Милвоки, пак, Јанис Антетокунмпо постигна 24 коша со по 6 скокови и асистенции. Ерок Бледшо уфрли 20, Брук Лопес 16, а Малком Брогдон 18 коша со 11 скокови. Потфрли Крис Мидлтон кој постигна само шест поени.
Следниот натпревар од финалната серија на истокот се игра во Торонот во недела наутро по македонско време во 2,30 часот.