
Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција конечно доби привремена замена за суспендираната Вилма Русковска. На нејзино место моментално ќе биде обвинителот Трајче Пеливанов.
Ваквата одлука беше донесена на седницата на Советот на јавните обвинители, а ќе важи се до изборот на нов шеф, бидејќи мандатот на Русковска истекува во ноември. Кога ќе заврши нејзиниот мандат, ќе биде распишан оглас, а изборот за прв пат ќе се врши преку гласање на сите обвинители.
„Трајче Пеливанов, дали е прифатлив?“, предложи Љубомир Јовески, а членовите на Советот, Коле Штерјев и Фиданка Рајевска посочија: „И јас го помислив него“.
Пеливанов беше едногласно изгласан од присутните членови на седницата. Обвинителот претходно беше и дел од тимот на СЈО.