ВВ „Тиквеш“ го одбележа празникот Св. Трифун со свечено закројување на лозјата во Лепово. На настанот присуствуваа бројни гости – претставници на институции, на дипломатскиот кор, соработници на винарницата и лозари.
Годинешниот настан беше во знакот на воведување на ЕСГ стандардите во работењето на винарницата. Со нивното имплементирање, „Тиквеш“ станува единствена винарница во регионот која воведува нови прогресивни активности и култура во своето работење, дополнително инвестирајќи во грижата за животната средина, влијанието и придонесот во развојот на општеството и доброто управување.
Гостите ги поздрави новата генерална директорка на ВВ „Тиквеш“ Бранка Славеска, која во своето обраќање фокусот го стави на посветеноста на „Тиквеш“ за развој на винската индустрија во земјава и регионот, претставувајќи пример за останатите деловни субјекти во индустријата.
„Производството на квалитетно вино е императив во работата на „Тиквеш“. Тоа може да се постигне само со имплементација на современи практики и технологии, примена на науката и, најбитно, со поставување и следење на највисоки стандарди во своето работење. Воведувањето на ЕСГ стандардите за нас и за нашите соработници значи дополнителен поттик за раст на компанијата, но и за позитивно влијание на општеството во целост“, изјави генералната директорка на „Тиквеш“ Бранка Славеска и нагласи дека „Тиквеш“, кој е своевиден амбасадор на државата, чувствува должност да вложува во трасирање на патеката за освојување на светските пазари и градење на имиџот на македонското вино.
ВВ „Тиквеш“ посветено работи на целосна трансформација во т.н. „зелена” винарница. Во рамки на овој процес, го произведува првото органско вино, токму на лозовите насади на Лепово, користи најсовремени научни методи, како и вештачка интелигенција во насока на заштита на лозовите насади и обезбедување квалитетно грозје, имплементира проекти кои имаат за цел заштита на животната средина, намалување на отпадните води како и намалување на емисиите на CO₂ и вложува во обновливи извори на енергија преку инсталирање на фотоволтаици. Притоа, сето ова го споделува и со своите кооперанти и со останатите чинители во индустријата.
„Тиквеш“ како општествено одговорна компанија во целокупното работење е посветена на минимизирање на своето влијание врз животната средина, поддршка на локалните заедници и практикување највисоки стандарди за корпоративно управување.