Трагедија во Турција: Потона чамец со мигранти, загинаа пет деца

Пет деца и една жена се удавија кога чамец со мигранти кој се упатил кон Италија потона во близина на брегот на југозападна Турција, соопшти крајбрежната стража.

Вчера беа спасени вкупно 73 мигранти со четири чамци за спасување, додека операциите за потрага по исчезнатите лица продолжија со два чамци и еден хеликоптер, пренесува „Ројтерс“.

Според извештаите, меѓу шесте загинати има една жена, три деца и две бебиња.

Се додава дека мигрантите првично го напуштиле Либан за Италија во саботата, но морале да наполнат гориво во близина на брегот на грчкиот остров Родос.

Грчката крајбрежна стража, која одговорила на нивниот повик за помош, соопшти дека ги ставила мигрантите во четири чамци за спасување и ги оставила во близина на турските територијални води.

Според податоците на веб-страницата на турската крајбрежна стража, годинава досега се фатени повеќе од 30.000 нерегуларни мигранти, што е повеќе од двојно во споредба со истиот период лани.