Десетгодишно дете од радовишкото село Долно Липовиќ се удави во надојдените води на река Крива Лакавица. Несреќата се случила вчера вечер кога во семејството се спремало веридба, јавува Алфа.
Детето заедно со дедо му со тракторот отишле до блиската продавница за да купат пијалок за семејната веселба. Преминувајки ја надојденат река детето паднало од тракторот. Без да забележи дедото стигнал дома и откако започнал да ги истовара гајбите видел дека неговиот десетгодишен внук го нема. Селаните и семејството цела ноќ го барале детето.
Утринава околу осум часот беживотното тело на детето е пронајдено. Било закачено на надводни врбни гранки. Поради надојдените води се очекува секој момент да прелее и вештачката акумулација Мантово, тврдат од Ловно-риболовното друштво Студенце од Конче. Алармантна е состојбата и со река Брегалница каде нивото на водата полека ја надминува критичната кота. Нокеска се излеа и Лакавичка река при што е преплавен локалниот пат Лакавица-Пухче.
Пред неколку дена се излеа и Злетовска река која поплави над 40 хектари ниви посеани со ориз.