Трамп ја освои и Јужна Каролина победувајќи ја Ники Хејли во нејзината родна држава

Доналд Трамп лесно ја победи Ники Хејли на републиканските прелиминарни избори во Јужна Каролина во саботата, продолжувајќи ја својата победничка низа додека маршира кон трета последователна претседателска номинација и реваншот со демократскиот актуелен претседател Џо Бајден.

Поранешниот републикански претседател беше многу фаворизиран да победи во јужната држава, со една анкета по друга што покажува дека тој има значително водство и покрај низата кривични пријави и фактот дека Хејли е родена во Јужна Каролина, каде што освои два мандати како гувернерка.

„Никогаш не сум ја видел Републиканската партија толку обединета како што е сега“, им рече Трамп на приврзаниците во Колумбија, главниот град на државата, само неколку минути по затворањето на гласачките места во 19 часот по локално време. Тој не ја спомна Хејли ниту еднаш во околу 30-минутното обраќање.

Унедливиот исход ќе ги зајакне повиците од сојузниците на Трамп дека Хејли, последниот преостанат предизвикувач на Трамп, треба да се повлече од трката за претседалската номинација.

Трамп доминираше на сите пет прелиминарни избори досега – во Ајова, Њу Хемпшир, Невада, Девствените Острови на САД и сега родната држава на Хејли – оставајќи ѝ речиси никаков пат до републиканската номинација. Трамп водеше со 59,7 до 39,7 отсто со околу половина од очекуваните гласови, според истражувањата на Edison.

Пркосната Хејли, која Трамп во својот мандат ја именуваше за американски амбасадор во Обединетите нации, повторно во саботата изјави дека ќе води кампања барем до „супер вторникот“ на 5-ти март, кога републиканците во 15 држави и една американска територија ќе излезат на гласање.

„Мораме да го победиме Џо Бајден во ноември“, им рече таа на приврзаниците во Чарлстон, Јужна Каролина, откако изборите отидоа во корист на Трамп во саботата. „Не верувам дека Доналд Трамп може да го победи Џо Бајден“, додаде Хејли која сѐ почесто е обвинувана дека прима финансиска поддршка од истакнати донатои на Демократската партија.

Хејли тврдеше дека нејзиниот дел од гласовите, иако помалку од 50 отсто, покажува дека голем број републиканци сè уште се загрижени за Трамп. Хејли ги заостри нападите врз Трамп во последните денови, доведувајќи ја во прашање неговата ментална острина и предупредувајќи ги гласачите дека ќе загуби на општите избори во ноември.

Но, има малку докази дека републиканските гласачи се заинтересирани за кој и да е друг кандиат за претседател освен Трамп. Имиграцијата, која Трамп ја стави во клучниот фокус на неговата кампања, беше проблем број 1 за гласачите на прелиминарните избори на Републиканската партија во саботата, според излезната анкета на Edison. Околу 39 отсто од гласачите го навеле тој проблем, во споредба со 33 отсто кои рекле дека економијата е нивна најголема грижа.

Сепак, излезните анкети уште еднаш укажаа на сопствената ранливост на Трамп. Речиси една третина од гласачите изјавиле дека Трамп не би бил способен да ја извршува функцијата претседател доколку биде осуден за кривично дело.

Првото кривично судење на Трамп треба да започне на 25-ти март во Њујорк. Во тој случај тој беше обвинет за фалсификување деловни документи за да ги прикрие тајните исплати на пари на порно ѕвездата Сторми Даниелс. Се соочува со три други обвиненија, вклучително и федерално обвинение за заговор за поништување на победата на Бајден во 2020 година. Трамп се изјасни дека не е виновен по сите обвиненија и тврди дека обвиненијата произлегле од заговор на демократите да ја попречат неговата кампања.

 

„Мојата конечна и апсолутна одмазда“

И Трамп и Бајден веќе почнаа да гледаат кон ноември, при што претседателот го опишува Трамп како „смртна закана“ за републиката.

Пред да полета за Јужна Каролина во саботата, Трамп се обрати на собирот на конзервативни активисти во близина на Вашингтон во 90-минутен говор кој ја наслика мрачната слика за Америка во опаѓање под власта на Бајден. Трамп предупреди дека ако го победи Бајден на изборите на 5-ти ноември, тоа ќе претставува „судниот ден“ за таквите САД и неговата „конечна и апсолутна одмазда“.

Гувернерката на Јужна Дакота, Кристи Ноем, и поранешниот претседателски републикански кандидат Вивек Рамасвами се појавија како фаворити за изборот на потпретседател на Трамп, според анкетата на активистите на конзервативната конференција. Секој о днив доби по 15 отсто поддршка.

Хејли, чии акредитиви за надворешна политика се во фокусот на нејзината кампања, се насочи на ставот на Трамп кон Русија во последните денови по смртта на Алексеј Навални, главниот опозициски лидер во земјата. Таа го критикуваше Трамп дека чекал неколку дена пред да ја коментира смртта на Навални, а потоа и дека не го обвинувал рускиот претседател Владимир Путин. Таа, исто така, ги осуди неодамнешните изјави на Трамп дека нема да ги брани сојузниците на НАТО од руски напад, ако смета дека тие не потрошиле доволно за одбрана.

Хејли се надеваше дека „отворените“ прелиминарни избори во Јужна Каролина, кои им овозможуваат на сите регистрираните гласачи, вклучително и на деморкатите и неопределените да гласаат, ќе привлече излезност од независни кандидати, па дури и некои демократи решени да го спречат Трамп.

Но, податоците од излезната анкета на Едисон покажаа дека само 21 отсто од гласачите се сметаат себеси за умерени или либерални, што е само малку повеќе од 19 отсто кои го кажаа тоа на партиските прелиминарни избори во 2016 година.