![Donald Trump](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2019/06/donald-tramp.jpg?resize=696%2C443&ssl=1)
Неименуван извор од Белата куќа тврди дека минатата година претседателот на САД се пошегувал и предложил Порторико да го заменат за Гренланд, пренесува „Њујорк Тајмс“.
Ниту владата на Соединетите Американски Држави, ниту пак порториканските власти не ја коментираа оваа наводна изјава на Доналд Трамп. Инаку, Порторико е автономна област која што им припаѓа на Американците.
Оваа вест пристигнува откако „Вашингтон пост“ во четвртокот цитираше неколку неименувани извори кои што откриле дека американскиот претседател Трамп веќе со седмици говори за купување на Гренланд од Данска.
Изворите откриле дека високите американски функционери „разговарале за можноста на Данска да ѝ биде понуден договор, според кој Соединетите Американски Држави засекогаш би го превзеле Гренланд за износ од 600 милиони долари“.
Претходно Трамп одлучи да ја одложи својата посета на Данска, затоа што премиерката на државата, Мете Фредериксен не била заинтересирана за разговор за купување на Гренланд. Фредериксен го отфрлила обидот на Трамп да го купи огромниот арктички остров и порача дека продажбата е „апсурдна“.
„Тоа не беше убав начин да се каже. Можеше само да каже „не“ и толку“, изјави Трамп и додаде дека Фредериксен на тој начин не му се обратила на него, туку на Соединетите Американски Држави.