Американскиот претседател Доналд Транмп го прими во петокот во Белата куќа главниот помошник на севернокорејскиот челник Ким Џонг-ун, на клучните разговори чија цел е подгтотвување на новиот самит на двајцата лидери кој најверојатно ќе се одржи веќе кон крајот на следниот месец, за да се придвижат нуклеарните преговори, коишто по историскиот состанок на врвот ланското лето се во застој.
Средбата на американскиот претседател Доналд Трамп, одржана кон средината на денот во Овалниот кабинет, со севернокорејскиот пратеник Ким Јонг Чол, беше насочена на продолжување на напредокот кон дефинитивната и во целост проверлива денуклеаризација на Северна Кореја, наведе Белата куќа во соопштението.
Трамп и Ким ќе се сретнат кон крајот на февруари, додаваат од Белата куќа по 90 минутниот состанок на американскиот претседател и високиот севернокорејски гостин. Местото на состанокот ќе биде објавено дополнително.
„Претседателот нестрплив ја очекува средбата со претседателот Ким на место коешто подоцна ќе биде објвено“, изјавика на брифингот со новинарите портпаролката на Белата Куќа, Сара Сандерс. Истакнала и дека иако се остварува напредок, САД „ќе продолжат со притисокот и санкциите кон Северна Кореја“.
Средбата во резиденцијата на американскиот претседател следеше по првиот состанок во петокот претпладнето во хотел во Вашингтон меѓу Ким Јонг Чол , американскиот државен секретар Мајк Помпео, и специјалниот претставник на САД за Северна Кореја, Стивен Биеган. Чол и Помпео им позираа на фоторепортерите пред да го започнат 45-минутниот состанок кој може да одреди дали двете страни можат да остварат напредок.
Тројцата функционери воделе добар разговор за напорите за постигнување напредок во врска со обврските кои ги преземаа претедателот Трамп и севернокорејскиот лидер Ким во текот на самитот во Сингапур во јуни минатата година, соопшти американскиот Стејт департмент. Меѓутоа, засега нема сигнали дека дошло до намалување на разликите меѓу Вашингтон и Пјонгјанг за запирање на севернокорејската програма за развој и унапредување на нуклеарното оружје кое претставува закана за САД, или околу барањата на севернокорејската страна за укинување на тешките санкции.
Малку пред пристигнувањето на Ким Јонг Чол во Вашингтон, Доналд Трамп кој по самитот во Сингапур објави дека е завршена нуклеарната опасност којашто ја претставувала Северна Кореја, ја откри за јавноста модернизираната американска стратегија за одбрана од проектили во којашто оваа земја, како и досега, е означена како „извонредна закана“.
На почетокот од ноември во последен момент беше откажана посетата на Ким Јонг Чол на САД. Јонг Чол уште во пролетта 2018 година учествуваше во дипломатскиот процес кој овозможи напредок откако претходната 2017 година Северна Кореја изврши низа балистички и нуклеарни тестови кои предизвикаа големи тензии како на Корејскиот полуостров, така и во регионот во кој се американските сојузници, по што следеше нов круг меѓутардни и американски санкции за Пјонгјанг.