Трамп најави дека нема да има договор за младите илегални имигранти

Американскиот претседател Доналд Трамп во неделата преку неговиот омилен начин на комуницирање со објави на Twitter најави дека нема да биде постигнат договор за легализирање на статусот на младите илегални имигранти, во медиумите наречени „Сонувачи“, и додаде дека американско-мексиканската граница станува сѐ поопасна.

„Граничарите не можат коректно да ја извршуваат својата работа поради смешните либерални демократски закони како ‘фати и пушти’. Станува сѐ поопасно. Карваните пристигнуваат. Републиканците мора да одат со нуклеарна опција за да усвојат остри закони. СЕГА. ВЕЌЕ НЕМА ДОГОВОР ЗА DACA!“, напиша американскиот претседател Доналд Трамп, пренесува Reuters.

Програмата DACA (Deferred Action for Childhood Arrivals) е создадена во 2012 година во времето на демократскиот претседател Барак Обама, а Трамп одлучи да ја укине минатата есен. Програмата е креирана за поединци кои во САД илегално ги довеле нивните родители, исто така илегални имигранти, со којашто беа заштитени околу 800.000 млади илегални имигранти од депортирање и им даваше работни дозволи.

Трамп претходно изјавуваше дека е отворен за договор со демократите во Конгресот кои сакаат да ја заштитат оваа програма во замена за прекинување на верижната имиграција според која доселеникот може да доведе неограничен број блиски роднини во САД, прекинување на лотаријата за американски визи и финансирањето на ѕидот на границата со Мексико.

„Мексико презема многу малку, тоа не е НИШТО, во спречувањето на луѓето да влезат во Мексико преку јужната граница и потоа во САД“, додава Трамп.

Трамп со оваа објава всушност реагира на пишувањето на изданието Buzzfeed за движењето на околу 1.500 имигранти од Гватемала, Салвадор и Хондурас низ Мексико, пренесува AFP.

Организаторите, група волонтери активисти Народи без граници (Pueblos sin fronterаs) се обидуваат организираните групи имигранти да ги заштитат од властите, бандите и нарко-картелите а кои што им се редовни жртви доколку се изолирани.

„Мексико мора да го запре приливот на дроги и луѓе, или ќе им ја затворам славината (NAFTA, или Договорот за слободна трговија меѓу САД, Канада и Мексико). ПОТРЕБЕН Е ЅИД“, порачува уште Трамп.

Американскиот претседател, чиешто изборно верување беше градење на ѕид меѓу САД и Мексико за запирање на илегалното мигрирање, од Конгресот не го доби потребното финансирање во усвоениот буџет во март. Се надева дека ќе го увери министерството за одбрана, кое дои рекорден буџет, да ги деблокира потребните суми.