Трамп објави дека раперот Ејсап Роки е ослободен

Американскиот рапер Ејсап Роки (A$AP Rocky) е на пат за Соединетите држави откако е пуштен од шведскиот затвор, објави во петокот американскиот претседател Доналд Трамп.

„A$AP Rocky е пуштен од затвор и е на пат кон САД од Шведска“ напиша Трамп на својот Twitter профил и, поигрувајќи се со зборовите по оваа реченица, додаде дека за раперот била бурна седмица (Rocky Week), како и дека треба да биде вратен што е поскоро можно (ASAP – as soon as possible).

Шведскиот суд одлучи дека овој 30-годишен музичар, продуцент и модел, чиешто вистинско име е Раким Мајерс, да биде ослободен од притворот додека не биде објавена конечната пресуда. Тоа е најавено за 14-ти август.

Ејсап Роки беше уапсен на 3-ти јули во Стокхолм заедно со својот телохранител и двајца членови на придружбата поради улична тепачка, и беше обвинет за нанесување телесни повреди. На интернет беше поставена снимка на која се гледа како Роки удира друго момче. Поради инцидентот на фестивалот „Smash“, раперот мораше да откаже неколку концерти во рамките на неговата европска турнеја.

Во меѓувреме се огласи во јавноста и мајката на музичарот, којашто загрижена за синот покрена петиција која собра 500.000 потписи за негово ослободување со парична кауција, на која се потпишаа и некои познати имиња од светот на шоу-бизнисот.

„Ослободете го Ејсап Роки (A$AP Rocky)“, напиша американскиот претседател во повеќе наврати на својот профил на Twitter. Трамп на својот микроблог минатиот петок, исто така, порача дека Шведска „ја разочара нашата афроамериканска заедница“. Трамп минатата седмица рече дека разговарал со шведскиот премиер Стефан Ловфен за случајот на Ејсап. Во четвртокот американскиот претседаетл, пак, напиша дека е „многу разочаран“ од „господинот Ловфен“ поради тоа што „не е во можност да делува“, и го повика „Американците да ги третира чесно“. Исто така, Трамп ги уверувал Лофвен дека Роки не е личност која е склона на бегство и дека лично гарантира за него. .
.
Даниел Сунесон, шведскиот обвинител надлежен за случајот на американскиот рапер, минатата седмица рече дека не разговарал ниту со претставници на Белата куќа, ниту, пак, со претставници на шведската влада во текот на истрагата за споменатиот случај. Додал дека „постои очигледна опасност тројцата осомничени да ја напуштат земјата доколку бидат пуштени на слобода“.