Трамп одбива да го признае поразот, неговата кампања поднесе тужба во Аризона за отфлрени гласови

Актуелниот американски претседател Доналд Трамп одбива да го признае поразот на претседателските избори, а во своите најнови твитови од ноќта кон неделата по македонско време повторно инсистираше на тоа дека тој е победник и повторно предупреди на нерегуларностите при броењето на гласовите.

„ГИ ДОБИВ ИЗБОРИТЕ, ОСВОИВ 71.000.000 ЗАКОНСКИ ГЛАСОВИ“, објави Трамп, а Twitter како што тоа го правеше и во текот на кампањата и изминатите четири денови додека се броеја гласовите го означи поради наводно „ширење дезинформации за изборите“.

Трамп, исто така, повторно истакна дека на набљудувачите не им бил дозволен пристапот до центрите за броење на гласовите, како и дека „милиони гласачки ливчиња им се испратени на луѓе кои тие никогаш не ги побарале“.

Според американските прописи за гласање по пошта, секоја сојузна држава има одредени рокови според кои гласачот треба да побара да му биде испратен гласачко ливче за дописно гласање, да го добие и да го испрати до одреден термин.

„71.000.000 законски гласови. Најмногу кога и да било за актуелен претседател“, повтори Трамп во следен твит.

Според процените на медиумите, Бајден освоил над 74.000.000 гласови, а пребројувањето продолжува во некои сојузни држави.

Изборниот штаб на Трамп истовремено поднесе тужба поради неброени гласови во округот Марикопа во сојузната држава Аризона со речиси четири милиони жители.

„Тужбата сугерира дека округот Марикопа ги отфрлил гласовите дадени од избирачите лично на денот на гласањето“, соопштија од кампањата на републиканскиот претседател.

Во поднесокот се тврди дека погрешните постапки на службениците во избирачките комисии кога тие работеле со гласачките машини довеле до тоа некои гласачки ливчиња да бидат неизброени. Сепак, во тужабата не е прецизно наведено за колку точно гласови кои се изоставени станува збор.

„Службениците на избирачките места имаа потешкотии во управувањето со новите машини за гласање во округот Марикопа и погрешно притискале, а исто така им кажувале на избирачите да го притиснат зеленото копче за да се надминат значителните грешки. Како резултат на тоа, машините не ги броеле гласовите дадени на денот на изборите во овој округ“, изјави главниот правен консултант на кампањата на Трамп, Мет Морган.

Во Аризона по обработка на 90 отсто од избирачкиот материјал, деморкатото Џо Бајден освоил 49,6 отсто од гласовите, а републиканецот Доналд Трамп 48,9 отсто. Во апсолутни бројки, разликата е иоколу 21.000 гласови.