Американскиот претседател Доналд Трамп рече во средата дека ќе наметне дополнителни царини за Кина, доколку не постигне трговски договор со кинескиот колега по должност Кси Џинпинг.
„Ќе наметнам диполнителни царини, многу значајни царини доколку не успееме да постигнеме договор“, рече Трамп во интервју за каналот Fox Business Network.
Американскиот претседател додаде дека постои можност да биде постигнат договор и да се избегнат дополнителни царини на самитот на Г20 во јапонскиот град Осака, кој ќе се одржи овој викенд.
САД и Кина се заплеткаа во трговските тензии одбележани со наметнување меѓусебни царини во износи од стотици милијарди долари, а разговорите меѓу двете земји пропаднаа во мај.
Трамп во интервјуто рече дека Кина е запознаена со барањата на САД кои би овозможиле постигнување трговски договор. Планот на американскиот претседател е да се ограничи тргувањето со Кина со којашто САД имаат голем трговски дефицит, доколку не биде постигнат договор со Пекинг. Запрашан за компаниите кои своето производство да го преселат од Кина во Виетнам, Трамп порача дека Виетнам е „уште полош“ кон САД отколку Кина.