Американскиот претседател Доналд Трамп изјави во саботата дека е посветен на заштитата на природната околина и на „строгата наука“ во саботата додека учесниците на Маршот за наука ширум светот ја обвинуваа неговата администрација за презир кон научните факти.
„Нашата нација е благословена со обилните природни извори и восхитувачка убавина. Американците со право се благодарни за овие Божји дарови и имаат обврска да ги чуваат за идните генерации“, изјави американскиот претседател Доналд Трамп кој во саботата ги посети ранетите војници во воена болница и притоа мина кај учесниците на маршот кои изразуваа незадоволство од неговата политика кон природната средина.
Протестите Марш за наука се одржуваат на денот кој од 1970 година се одбележува како Денот на планетата Земја за да се искаже несогласување со политиките на администрацијата на Трамп кои ги оценуваат како спротивни со признатите научни истражувања, особено во областа на климатските промени, коишто американскиот претседател ги прогласи за мамење.
„Строгата наука“ е критична кон администрацијата којашто дава сé од себеси за да оствари економски раст и воедно да ја заштити природната околина, порача Трамп.
Откако влезе во Белата куќа, новиот американски претседател ја укина мерка со којашто од службениците се бараше при носењето одлуки да го разгледаат нивното влијание врз климатските промени, и се закани дека ќе ги повлече САД о Парискиот климатски договор од крајот на 2015 година, глобалниот климатски договор со кој меѓународната заедница се обврза на справување со растот на глобалната температура, а кој го потпиша неговиот претходник Барак Обама.
Трамп го повлече и мораториумот на Обама за изнајмување на федералното земјиште на индустријата за јаглен, и вети дека ќе направи ревизија на регулацијата за хидрауличното фрактурирање, таканаречениот фракинг за црпење нафта и гас од шкрилци.
Во саботата, покрај оној во американската престолнина Вашингтон, во светот се одржаа околу 600 вакви маршеви. На нив учество земаа и многубројни научници со светска репутација, како знак на солидарност со американските колеги.
Според тврдењето на организаторите, на маршот во германската престолнина Берлин се собрале околу 11.000 луѓе под мотото „Науката не е мислење,алтернативните факти се лаги“. Илјадници луѓе учествувале во маршевите ширум Германија, особено собирајќи се кај универзитетите.
На маршот во Лондон учествувале биолози, физичари и астрономи. Многумина од нив изразиле стравување за иднината на научните истражувања во Велика Британија и нејзината соработка во меѓународните проекти поради референдумската одлука да истапи од членството во Европската унија.
Околу 600 лица се собрале во швајцарска Женева, каде што се седиштата на многу меѓународни организации за унапредување на здравјето и науките, како и во Амстердам и другите европски метрополи. Ширум Австралија одржани се дванаесет маршеви, при што најмногу биле истакнувани проблемите со климатските промени и особено пропаѓањето на Големиот корален гребен.