Соединетите држави ќе бидат надмоќни во случај на војна со Иран и евентуалниот судир, кој не би ги вклучувал американските копнени сили, „нема долго да трае“, изјави во средата американскиот претседател Доналд Трамп во интервјуто за каналот Fox Business Network.
Американскиот претседател Доналд Трамп во споменатото интервју рече дека сепак се надева оти нема да има војна.
„Но ние сме, доколку се случи нешто, надмоќни. Ние сме во надмоќна позиција и можам да ви кажам дека тоа нема долго да трае. Тоа нема многу долго да трае и не зборувам за копнените сили“, додаде Трамп.
Меѓународните аналитичари оценуваат дека се чини оти во средата Техеран настојувал да ја „смири топката“ во услови на остар пораст на тензиите во Персискиот залив, по првите многу остри реакции на вестите за воведување на американските санкции кои имаат изразено политички карактер. Најновиот пакет санкции се насочени кој иранскиот врховен водач ајатолахот Али Хамнеи и лица од неговото потесно опкружување и од владата,.
Трамп, кој го обвинува Иран дека сака да произведе нуклеарно оружје и дека е одговорен за „сите зла“ на Блискиот исток, поведе кампања на „максимален притисок“ врз оваа земја. Откако во мај 2018 година ги повлече САД од меѓународниот нуклеарен договор меѓу Иран и шесте светски сили потпишан во Виена во 2015 година, воведе санкции против Техеран и повторно ги воведе санкциите чијашто главна цел е иранскиот нафтен сектор и со кои се настојува иранскиот извоз на „црното злато“ кое носи значителни суми за иранската држава „да го сведе на нула“.
Иранскиот претседаетл Хасан Роухани во телефонскиот разговор со францускиот колега по должност Емануел Макрон во средата, рекол дека неговата земјата не сака „со никого да војува“, па ниту со САД, објави официјалната новинска агенција Irna. Истовремено го предупредил Макрон дека Техеран би можел да ги исполнува и другите обрски преземени со договорот во Виена. Иран во вторникот ги обвини САД дека „засекогаш ја затвори вратата за дипломатијата“.