Трамп: САД се подготвени за „божиќниот подарок“ од Северна Кореја

(AP Foto/Luis M. Alvarez)

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска го коментираше предупредувањето на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун за „божиќен подарок“, истакнувајќи дека САД успешно ќе се справат со тоа и оти тоа може да биде и „убав подарок“.

– Можеби е убав подарок. Можеби ќе подари преубава вазна, изјави Трамп пред новинарите во одморалиштето Мар-а-Лаго.

Тој додаде дека САД ќе дознаат што е изненадување и успешно ќе го решат.

– Ќе видиме што ќе се случи, рече Трамп.

На почетокот на декември, властите на Северна Кореја предупредија на можен „божиќен подарок“, наведувајќи дека на администрацијата на Трамп и истекува времето за спасување на нуклеарните разговори и оти Вашингтон треба да избере каков „божиќен подарок“ сака да го добие од Пјонгјанг.