Американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе го распушти Конгресот затоа што законодавците не ги потврдија неговите кандидати за високи позиции во администрацијата, вклучително и лице кое е номинирано да ја преземе независната агенција која ја надгледува работата на Гласот на Америка.
– Имам многу силна моќ, изјави Трамп вчера, користејќи терминологија од друг член на Уставот на САД, што му дозволува на претседателот да го распушти еден или двата дома на Конгресот во „исклучителни околности“.
– Сенатот или треба да ја исполни својата должност да гласа за кандидатите што ги номинирав, или треба официјално да биде распуштен, за да можам да ги ставам луѓето на функција додека тие се на одмор, рече Трамп и додаде: „Имаме огромен број луѓе кои треба да се приклучат на администрацијата. И сега повеќе од кога било поради вирусот и тој проблем“.
Според Уставот на САД, номинациите за некои високи позиции во администрацијата мора да бидат потврдени од мнозинство во Сенатот. Меѓутоа, кога Конгресот не заседава, претседателот има право да направи таканаречено „именување за време на пауза во заседавање на Конгресот“, кое истекува доколку кандидатот не биде потврден до крајот на следното целосно заседавање.
Ниту еден претседател во историјата на САД досега не ја искористил специфичната можност – од Членот 2 од Уставот – да го распушти Конгресот, пишува Гласот на Америка.
– Можеби тоа никогаш порано не е направено, никој дури не е ни сигурен, рече Трамп за време на брифингот за пандемијата на коронавирусот во Белата куќа. „Сепак, ние тоа ќе го направиме. Ни требаат тие луѓе тука. Ни требаат луѓе за оваа криза и веќе не сакаме да играме политички игри“.
Авторот на документарни филмови Мајкл Пек, кого Трамп го номинираше да ја води Агенцијата за глобални медиуми на САД (УСАГМ), е еден од 15-те клучни кандидати чии номинации чекаат потврда во Сенатот. Трамп го наведе името на Пек, но погрешно го идентификуваше УСАГМ по нејзиното претходно име, ББГ – Одбор на гувернери на електронски медиуми.
Како номинации кои сè уште чекаат потврда Трамп ги спомена и кандидатот што го номинираше за директор на националните разузнавачки агенции, два члена на одборот на Федералните резерви и потсекретарот за земјоделство одговорен за спроведување на програмата за безбедност на храната.
Трамп за застојот ги обвини демократите, обвинувајќи ја опозициската партија дека „упорно се обидува да го отежне животот“.
– Сегашната практика на напуштање на градот и организирање лажни про-форма седници е занемарување на должностите кои американскиот народ не може да си ги дозволи за време на оваа криза, истакна Трамп.
Тој рече дека номинацијата на Пек „е заглавена во одборот веќе две години“ и „нè спречува да управуваме со Гласот на Америка (што е) – многу важно“.
– А слушнавте што доаѓа од Гласот на Америка, тоа е одвратно. Работите што ги говорат се одвратни кон нашата земја. А Мајкл Пек ќе дојдеше и ќе завршеше одлична работа, но чека веќе две години – не можеме да добиеме потврда, рече Трамп.
Раководството на Гласот на Америка синоќа a ги отфрли критиките на Трамп.
– Повеќе од 75 години, Гласот на Америка има мисија да ја раскаже приказната за Америка на странските земји и да пренесе објективни информации засновани врз факти, во делови од светот кои немаат друг пристап до таквите информации. Како што секогаш велиме – ние го извезуваме Првиот амандман, истакна директорката на Гласот на Америка, Аманда Бенет во соопштение.
Аманда Бенет беше назначена за директор на Гласот на Америка од претходната администрација на Барак Обама и на таа функција е четири години.