Републиканскиот кандидат Доналд Трамп воспостави значителна предност пред претседателот Џо Бајден во трката за Белата куќа откако двајцата кандидати се соочија во телевизиската дебата минатата седмица, покажаа засебните анкети на влијателните дневни весници The New York Times (NYT) и The Wall Street Journal (WSJ).
Бајден вети дека ќе остане во претседателската трка во 2024 година за време на разговорите со изборниот штаб во средата и се обиде да ги увери највисоките демократи на Капитол Хил дека е способен за реизбор, и покрај неговиот, најблаго речено несигурен настап во телевизиската дебата минатата недела.
Анкетата на NYT и колеџот Сиена покажа дека републиканецот Трамп има предност од 6 процентни поени – 49 проценти наспроти 43 проценти – пред демократот Бајден, меѓу регистрираните гласачи за кои весникот вели дека најверојатно ќе гласаат на изборите на 5 ноември. Тоа е најголемото водство на Трамп во анкетата на Times/Sienа од 2015 година, кога водеше кампања пред неговата претседателска победа во 2016 година. Меѓу сите регистрирани гласачи во анкетата, Трамп водеше со 9 процентни поени.
Анкетата на WSJ, пак, покажа дека Трамп сега има предност од 6 процентни поени пред Бајден, во споредба со предноста од 2 поени во анкетата на весникот спроведена во февруари.
Во двете анкети, кои беа спроведени низ целата земја, испитаниците забележале дека возраста на 81-годишниот Бајден е тежок товар за неговата кандидатура. Околу 80 отсто од испитаниците на анкетата на WSJ, во која беа анкетирани 1.500 регистрирани гласачи од 29 јуни до 2 јули, рекле дека Бајден е премногу стар за да се кандидира за втор мандат. Оваа анкета има маргина на грешка од 2,5 процентни поени.
Анкетата на NYT, во која биле анкетирани 1.532 регистрирани гласачи од 28 јуни до 2 јули, покажува дека голем дел од секоја демографска група, вклучително и црните гласачи и оние кои рекоа дека сепак ќе гласаат за него, сметаат дека Бајден е „едноставно премногу стар за да биде ефикасен претседател“. Во ова истражување маргината на грешка е 2,8 процентни поени за регистрианите гласачи.
Настапот на Бајден во дебатата минатиот четврток против 78-годишниот Трамп предизвика загриженост кај демократите за неговата иднина како нивен претседателски кандидат.
Анкетата на Reuters/Ipsos од 1 до 2 јули покажува дека Трамп и Бајден се изедначени меѓу регистрираните гласачи со по 40 отсто поддршка. Меѓутоа, таа анкета, исто така, покажува дека секој трет демократ верува дека Бајден треба да се откаже од трката.