Трамп верува дека губењето животи во пандемијата на коронавирусот ќе биде помал од прогнозите

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави во петокот оти смета дека во САД ќе има помалку од 100.000 починати колку што првично беше прогнозирано, и сугерираше дека земјата е близу пикот на епидемијата.

Околу 60.000 Американци би можеле да починат во пандемијата на коронавирусот, според еден од моделите за процени кои често ги наведуваат американските фунцкионери а изнесен во средата, и кој предвидува 26-процентно намалување на смртните исходи во САД. Намалувањето изнесено во моделот изработен од Универзитетот во Вашингтон се совпаѓа со сразмерниот оптимизам на политичките челници дека бројот на заразените би можел набрзо да го достигне плафонот во некои области.

На брифингот во Белата куќа во петокот претседателот Доналд Трамп рече дека ситуацијата во повеќе американски градови се стабилизира. Меѓу нив е и Њујорк за кој во петокот статистиката беше ублажена и има и помалку пациенти примени на одделите за интензивна нега од претходниот ден. Според најновите податоци, во САД има повеќе од 18.100 смртни исходи од болеста Covid-19.

Трамп рече дека постојат назнаки дека социјалното дистанцирање и останувањато на граѓаните во своите домови покажуваат резутлати. Додаде дека добива и помалку повици од гувернерите на сојузните држави кои бараат помош и медицинска опрема. „Добро стоиме на секој начин“, истакна.

Американскиот претседател рече и дека наскоро ќе го објави составот на советот кој би требало да помогне земјата да почне да се враќа во нормалата, кога за тоа ќе дојде моментот, „Наскоро ќе го објавиме тоа. Веројатно во вторник“, рече Трамп пред новинарите.

Покрај тоа, Трамп за следната седмица најави и „објава“ за Светската здравствен организација (СЗО – WHO).

„Како што знаете, им даваме околу 500 милиони долари годишно и за тоа ќе разговараме следната седмица. Ќе имеме многу нешта да кажеме“, рече Трамп без да појаснува.

Американскиот челник пред неколку дена отворено се закани со укинување на американското финансирање на СЗО, критикувајќи го начинот на кој оваа агенција на Обединетите нации управува со ситуацијата со пандемијата на коронавирусот. Исто така, Трамп ѝ забележува на организацијата дека со своите ставови е „премногу наклонета“ на Кина.

Додека СЗО ги фалеше властите во Пекинг за подготвеноста да ги споделат со светот информациите за новиот тип коронавирус, Трамп тврди дека организацијата истовремено ги игнорирала клучните информации за можната трансмисија на коронавирусот од човек на човек кои доаѓале од Тајван кон крајот на декември 2019 година. Од СЗО категорично негираат дека добивале такви информации од одметната кинеска покраина Тајван, која е поддржувана од САД.

 

Пикот на смртните исходи во САД се очекува в недела
Моделот на Институтот за истражувања и процени при Универзитетот во Вашингтон, е еден од неколкуте извори и слични модели кои ги наведува Белата куќа.

Според сегашните процени на Институтот, до 4-ти август ќе починат повеќе од 60.000 луѓе, што е намалување во однос на речиси 82.000 смртни исходи како последицa на Covid-19, кои беа предвидувани во вторникот. Работната група за борба против коронавирусот претходно проценуваше дека може да умрат 100.000 до 240.000 Американци.

Институтот, исто така, го помести и очекуваниот врв за бројот на починатите во САД за оваа седмица, и проценува дека тогаш на болеста ќе ѝ подлегнат 2.212 луѓе. Проценетиот пик се премести за четири дена, што сугерира дека притисокот врз здравствениот систем во замјата ќе почне да се намалува порано отколку што се очекуваше.