Трамп во август собрал 210 милиони долари, многу помалку од Бајден

Американскиот претседател Доналд Трамп и Републиканската партија во средата објавија дека во август собрале 210 милиони долари во донации за претедателските избори, помалку од Џо Бајден и Демократската партија кои во истиот месец собрале рекордни 364,5 милиони долари.

Двајцата кандидати ги забележаа рекордните износи на донации во август, кога и двете партии ги одржаа своите конвенции за претседателските избори кои ќе се одржат на 3-ти ноември.

Бајден и демократите минатата седмица ја објавија конечната сума собрани донации која го собори месечниот рекорд на кој било претседателски кандидат во американската историја. Во август Бајден го надмина минатиот рекорд кој во септември 2008 година го постави Барак Обама со 193 милиони долари.

Кампањата на деморкатите во јули собра 140 милиони долари, а најголемата дозволена поединечна донација изнесувала 710.000 долари, според податоците на The New York Times.

Трамп, пак, во јули собрал 165 милиони долари, а само во текот на четиридневната републиканска конвенција во август добил 76 милиони долари.