Трамп: Знам што се случува со Ким Јонг Ун, но не кажувам

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека знае што се случува со лидерот на Северна Кореја, Ким Јонг Ун, но оти не сака да им открива детали на новинарите.

„Да, имам добра претстава како е, но не можам да зборувам за тоа во моментов. Му посакувам сѐ најдобро, имам многу добри односи со него “, рече Трамп, изразувајќи надеж дека Ким е добро.

„Можеби ќе слушнете и вие за тоа во блиска иднина“, рече тој пред новинарите.

Гласините за лошата здравствена состојба на Ким Јонг Ун предизвикаа пласирање на различни информации, повикувајќи се на фактот дека севернокорејскиот лидер ја пропуштил прославата на роденденот на неговиот дедо, на 15 април.

Во недостаток на официјални соопштенија, медиумите шпекулираат за неговата здравствена состојба. Повеќе странски агенции пренесуваат дека тој е во критична состојба после операција на срцето, а некои соопштија дека дури и починал.