Герет Бејл е подготвен за враќање назад во Премиер-лигата, но не во Манчестер Јунајтед, туку во редовите на клубот од каде што се пресели во Реал Мадрид. Тотенхем е тимот што се наоѓа во пол-позицијата во трката за ангажман на велшкиот ас, откако „спарси“ го понудиле и Деле Али како дел од „пакетот“ во преговорите со Реал Мадрид за ангажман на Бејл.
Информацијата за ББЦ ја потврди и агентот на Бејл, Џонатан Барнет, обелоденувајќи дека желба на неговиот клиент е да се врати назад во „спарси“, клуб чии бои со успех ги бранеше од 2007 до 2013 година.
Според британските медиуми, разговорите се во завршна фаза, откако Реал се согласил да го испрати Бејл на едногодишна позајмица, но и да покрие половина од неговата плата што изнесува огромни 30 милиони евра за наредната сезона. За возврат, Тотенхем ќе го испрати Деле Али во Мадрид. Англискиот репрезентативец стагнира во формата откако Мурињо седна на клупата на „спарси“, а „специјалниот“ е подготвен да го жртвува Али за да го доведе Бејл како суперзасилување за оваа сезона. Деле Али би се преселил во Реал на едногодишна позајмица, а следното лето клубовите повторно би седнале на маса и би преговарале за иднинта на двајцата фудбалери.