Транспортот на мигрантите се одвива без проблеми. Мигрантите кои што пристигнуваат на јужната гранична линија на земјава кон северната граница во текот на изминатава ноќ и утрово се транспортираат без проблеми и организирано од страна на сите чинители вклучени во справувањето со бегалската криза.
Состојбата на границата е нормална
Покрај тоа што транспортот на мигрантите се одвива без проблеми, како што информира МИА, состојбата на границата е нормална и под целосна контрола на специјалните полициски сили и единиците на АРМ.
Од друга страна, од пред два дена почнаа контролите и од грчка страна. Грчката полиција пропушта периодично во Македонија, на јужната граница да влегуваат помали групи од по стотина мигранти.
Дневно се транспортираат околу 3.000 мигранти
Според проценките на УНХЦР и Црвениот крст вчера од Гевгелија кон Табановце заминале повторно околу 3.000 мигранти, а се очекува дека таа бројка ќе биде постигната и во текот на денешниот ден.
Од железничка станица информираа дека утрово со вонреднио воз што тргна од платформата кај прифатниот камп кон Табановце се упатиле 700, а со редовниот воз заминале уште 500 мигранти. Останатите кои чекаат да бидат евидентирани во прифатниот камп во Гевгелија во текот на денот кон Табановце ќе се превезуваат со автобуси и такси возила, соопштува МИА.
Во текот на вчерашниот ден општина Гевгелија донираше 1.500 пакети со вода и исто толку пакети со кроасани кои беа прифатени од претставниците на УНХЦР и Црвениот крст и им беа поделени на мигрантите.