Трас и Бајден гo потврдија заедничкиот став против Русија

Американскиот претседател Џо Бајден ѝ ги честиташе на новата британска премиерка Лиз Трас на преземањето на должноста во телефонски разговор, во кој челниците на двете сојузнички земји се обврзаа на јакнењето на меѓусебните односи и потврдување на заедничкиот став против Русија.

Кабинетот на британската премиерка соопшти дека Трас и Бајден разговарале за јакнење на соработката во рамките на НАТО, како и за воениот договор минатата година склучен меѓу САД, Австралија и Велика Британија (АУКУС), чија цел е спротиставувањето на Кина.

„Трас се радува на блиската соработка со претседателот Бајден како челници на слободните демократии во решавањето на заедничките предизвици, особено екстремните економски проблеми предизвикани со војната на (рускиот претседател Владимир), Путин“, соопшти кабинетот на Трас покажувајќи продолжување на договорената пропагандна политика меѓу Лондон и Вашингтон за персонализирање на војната во Украина на рускиот челник.

Трас ја презема должноста во Даунинг стрит во моментот кога Велика Британија се соочува со најголемите економски предизвици во последните речиси половина век. Таканаречените „посебни односи“ меѓу Лондон и Вашингтон последните години беа цврсти, и по несогласувањата меѓу поранешната британска премиерка Тереза Меј и поранешниот американски претседател Доналд Трамп.

САД и Велика Британија изминатата деценија заеднички ги спроведуваат политиките кон Украина, вклучително и големото вооружување и подготовките на украинската војска за судирот со Русија, како и во преземањето акции за зауздувањето на Кина на Пацификот. Меѓутоа, билатералниот трговски договор, за кој некои политичари во Лондон се надеваат дека би можел да ги ублажи негативните последици од Брегзитот врз трговијата и економијата, допрва треба да се оствари до крајот на претседателскиот мандат на Бајден.

Од Белата куќа објавија дека очекуваат Лиз Трас да ја продолжи политиката на нејзиниот претходник Борис Џонсон, како и дека Тас и Бајден „би можело да бидат сојузници во спротиставувањето на руската инвазија врз Украина и сѐ поголемото влијание во индо-пацифичкиот регион“.

Бајден имаше добра соработка со Џонсон, но со Трас би можело да се појават несогласувања особено во поглед на Северна Ирска. Додека беше пратеничка во британскиот парламент, Лиз Трас учествуваа во носењето на законот со кој беше соборен Протоколот за Северна Ирска со Европската унија, а Бајден упорно настојуваше Лондон да не презема никакви потези со кои може да се загрози примирјето во Северна Ирска кое трае веќе четврт век.

Во соопштението од Даунинг стрит за телефонскиот разговор од вторникот вечерта, се истакнува и дека Трас и Бајден се согласиле за тоа дека е важно да се сочува мирот во Северна Ирска.