
Битола е подготвена за најголемиот спортски настан кој ја очекува оваа недела, на 4 септември, а тоа е четвртото издание на трката ТРЧАЈ БЕ, која за мошне кратко време се наметна по својата популарност и кај рекреативците и кај врвните атлетичари, а од минатата година доби меѓународно значење со организирање на Балканското првенство во полумаратон.
Годинава бројот на пријавени учесници кој го соопштија организаторите изнесува 1.400 кои доаѓаат од 12 земји од светот и тоа ќе биде најмасовното издание досега. ТРЧАЈ БЕ годинава е и Национално првенство во полумаратон, кое стои официјално во календарот на Атлетската федерација на Македонија.
„Врвни атлетичари од повеќе земји и домашни вљубеници во трчањето ќе трчаат на трите патеки долги 5, 10 и 21км низ Битола. Ќе биде и големо и масовно издание. Полумаратонот кој лани го организиравме за прв пат и беше Балканско првенство, годинава ја продолжува традицијата да биде ставен на атлетската листа настани како Национално првенство, вели Никола Димитровски, директор на трката.
Се подготвува и придружна програма, која ќе направи вистински спортско-забавен хепенинг во градот по патеките, а на главната сцена настап ќе има и Љубојна.