Тргна ли Заев во претседателска кампања по стапките на Црвенковски?

Покрај актуелните теми за амнестијата и уставните измени, домашната политичка сцена се повеќе се вжештува и околу имињата на кандидатите на политичките партии за претседателските избори на пролет.

Резултатите од објавената анкета на Телма го промовираа премиерот Зоран Заев како еден од најсериозните кандидати за наследник на Иванов. Впрочем, Заев на тој начин би ги следел постапките на неговиот сопартиец и почесен претседател на СДСМ, Бранко Црвенковски.

И во својата колумна за civilmedia.mk, новинарот Сашо Ордановски истакнува дека Зоран Заев не може да ја избегне својата кандидатура за претседателските избори, од причина што поседува солиден рејтинг, неговата кампања ќе се совпадне со меѓународните пофалби за имплементирањето на Договорот од Преспа, како и дека СДСМ ќе биде во незавидна позиција одлучувајќи која ќе биде личноста што ќе се кандидира на изборите, доколку тоа не е Заев.

Според политичкиот аналитичар Владимир Божиновски би било нечесно доколку Заев се кандидира за претседател, бидејќи тој во моментов е симбол на дадените ветувања на СДСМ, со кои партијата ги оствари резултатите на претходните изборни циклуси.

Би било нечесно пред избирачите, пред кои си имал одредени ветувања, а особено кај нас, каде има мешовит изборен систем и премиерската функција е многу позначајна од претседателската, да дадеш одредени ветувања и во сред мандат да се повлечеш и ги оставиш гласачите на цедило, бидејќи Заев е персонификација и симбол на самата партија, односно нејзините ветувања. Одговорноста за исполнетите или неисполнетите ветувања ги носи самиот претседател на партијата. Ако се повлече од премиер, граѓаните може да се почувствуваат изневерени. Кој ќе ја преземе одговорноста за дадените ветувања на Заев и нивно спроведување доколку тој се кандидира за претседател? Тоа се случи 2004-тата година со Црвенковски. Граѓаните гласаа во 2002 за СДСМ, предводена од Бранко Црвенковски, со очекувања дека тој ќе ги исполни ветувањата, коишто ги има дадено пред граѓаните, заклучи Божиновски.

Владимир Божиновски

Според него, од останатите имиња за кои се шпекулира, Стево Пендаровски веќе се претставил пред граѓаните и ја загубил трката за претседател, а воедно заменик-претседателот на партијата Радмила Шеќеринска, ја предводела СДСМ на неколку избори, кои биле погубни за социјалдемократите, па оттаму носат товар за повторно да го бараат гласот од избирачите. За министерот Никола Димитров, аналитичарот изрази сомнеж дека има поддршка од членството и симпатизерите на СДСМ, со оглед на фактот што во својата политичка кариера долг период ставовите му биле на иста линија со ВМРО-ДПМНЕ.

 

Во однос на евентуалната кандидатура на Зоран Заев, политичкиот аналитичар Петар Арсовски, смета дека премиерот нема потреба од ваков чекор, но не ја исклучува можноста за внатрепартиски препукувања за кандидатот на владејачката партија.

Петар Арсовски

Неславно заврши таа авантура на Бранко Црвенковски, така што не знам дали Зоран Заев ќе се впушти во кандидатура, особено што кај нив гледаме и други кандидати кои релативно имаат висока поддршка од јавноста, така што тој не мора да го прави тоа, иако не знам кои се неговите политички амбиции. Не е невозможна и опцијата да има поголеми внатрепартиски борби, па Зоран Заев да мора да истрча, но мислам дека имајќи предвид дека се на власт имаат повеќе опции и функции на располагање и мислам дека ќе успеат да се договорат за поделба на местата, изјави Арсовски.

Според резултатите од вчера објавената анкета, опозиционерите најголема поддршка даваат за претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој воедно на простестите на партијата најавува победа на нивниот кандидатат на претстојните избори.

Запрашан дали за ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат одлучувачки албанските гласови, Арсовски вели дека голема улога ќе има одлуката на ДУИ, кои во моментов е тешко да постигнат договор со ВМРО за консензуален кандидат.

Принципиелниот став на ДУИ е дека тие поддржуваат консензуален кандидат за претседател. Во моментов не знам дали воопшто се разговара за консензулен кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, но тоа секако би било тешко и мислам дека е практично невозможно да поддржи кандидат на ВМРО. За да знаме какви се реалните шансите на опозицијата, на анкетите треба да се истретираат повеќе кандидати од опозицијата, а не само претседателот Христијан Мицкоски, бидејќи бројките што ги видовме вчера им даваат предност на СДСМ пред ВМРО-ДПМНЕ, особено ако кандидатот е консензуален и има поддршка од ДУИ, смета аналитичарот.

За Божиновски, пак, од исклучителна важност е дали партијата предводена од Мицкоски ќе оствари подобар резултат од локалните избори, што ќе покаже и дали внатрепартиските реформи вродуваат со плод.

Ако СДСМ и ДУИ настапат со заеднички кандидат, на тој начин тешко ќе може да се спореди колку гласачи има ВМРО, колку ДУИ, а колку СДСМ. Сепак, најзначајно за ВМРО-ДПМНЕ на следните претседателски избори ќе биде да освои повеќе гласови отколку на локалните избори 2016 и тоа треба да си го постави партијата како цел на наредниве избори. Ако освои повеќе гласови од локалните избори во 2016, тоа ќе значи дека реформата во ВМРО е успешна, дека се консолидираат и дека повторно неопределените гласачи и оние кои не се поврзани со ниту една политичка опција, гледаат добар кандидат од партијата, што ќе им даде силен поттик за уште позначајната цел – победа на следните парламентарни избори, заклучи Божиновски.

Во анкетата објавена на Телма, кај македонскиот блок највисоко котираат Христијан Мицкоски и Зоран Заев, а во албанскиот кампус најголема доверба доби Бујар Османи.