Не измина половина година кога премиерот Зоран Заев го отфрли предлогот од челникот на опозицијата Христијан Мицкоски, откако владејачката СДСМ доби закани за истапување од неговиот министерски кабиент и од поддршката на и онака тенкото парламентарното мнозинство на најголемата албанска партија ДУИ, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ да го анулира недостигот од овие гласови доколку се откаже од контроверзниот закон за јазиците.
Но, покрај тоа што споменатиот закон го врати тогашниот шеф на државата и огромен дел од експертската јавност го оценија како противуставен, ваквиот потег на Заев покажа дека всушност се наоѓа во заложништво на дадените ветувања, а тоа се повторува во континуитет и во овој период.
Во меѓувреме се случија претседателските избори, на коишто вака или онака, јасно е дека без „албанските“ гласови „консензуалниот“ кандидат на СДСМ и ДУИ, Стево Пендаровски, немаше да ја победи кандидатката на опозициската ВМР0-ДПМНЕ. И во тој контекст од денешна дистанца е многу интригантно она што го загатна во текот на вчерашниот телевизиски настап лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Односно, она што подолго време се зборува во кулоарите, а дека откако Пендаровски речиси беше израмнет со Силјановска Давкова, по првиот изборен круг, во Тетово е организирана средба на Заев и раководството на ДУИ, каде што е потпишан договор за менување на карактерот на држава, односно нејзино редефинирање.
Оттаму, ни цел месец подоцна, на јавноста ѝ се наметнуваат две теми. Едната е за промена на изборниот модел, а втората е реализација на пописот на населението за што неопходниот закон владејачката коалиција го става без никаква потреба како итен и тоа со европско знаме. А, имајќи го во предвид искуството коешто од 1990-та го имаме со оваа чисто статистичка операција, фалсификување во полза на потребите на етничките калкулации, може да се претпостави дека и овојпат ќе се насочуваат резултати од кои ќе произлезат и нови барања на албанските политичари. Токму поради тоа е противењето на опозицијата на обликувањето на делови законот кои може да бидат спорни токму во однос на насочувањето на односите кон етничкото димензионирање на статистичката операција. Но тоа е посебна тема.
Сѐ погласни се шпекулациите дека меѓу двата изборни круга има средба којашто се случува во Тетово меѓу Зоран Заев и неколку други лица на која практично се договара поддршката за време на вториот круг и каде што практично треба да дојде до еден вид на политичко редефинирање на Република Македонија, потенцираше ХриСтијан Мицкоски во настапот на „Топ тема“.
Според него, ова изборно редефинирање на тие граници, кое патем деновиве го актуализираше и Стево Пендаровски, е дел од тој договор. Новиот изборен модел ќе му кумува на тој процес со исцртување на нови граници или пак можеби се е шпекулација, но треба да за излезат и да одговорат.
А, дека сега наметнатите теми не се само обид за дефокусирање на јавноста од неуспехот од недобивањето на датум за отпочнување на преговори. И она што треба да биде посебно интересно за јавноста се сѐ уште од Заев недемантираните медиумски и јавни шпекулации дека од споменатата тетовска средба Заев излегол пребледен, но согласен со договорот со ДУИ. Може да се претпостави дека станува збор за нови барања за менување на карактерот на државата. Тоа би ја усложнило и тоа многу позицијата на Заев кај гласачите, па поради тоа можеби се и нафрлањата на идејата за распишување предвремени парлементарни избори. Да се подзапре сѐ поизразениот надолен тренд на рејтигнот на СДСМ.
Прашањето што се наметува во овој момент е што остана да исполни Заев од Тиранската платформа. Уште не е заборавено дека Заев ја уверуваше јавноста дека воопшто нема таква платформа, а ја донесе, исто така, по итна постапка двојазичноста. Законот за јазиците, пак, е дел токму од Тиранската платформа. Оттаму интересно е да се повтори што содржеше овој меѓуалбански договор кој го прифати Заев во преговорите да состави влада. А, таа „заедничка декларација“ дојде десетина дена по средбите во Тирана со албанскиот премиер Еди Рама, и два дена по средбата во Приштина, на покана од косовскиот претседател Хашим Тачи. По овие две средби, зод кои се појавија и фотографии, беше најавено дека челниците на ДУИ, Али Ахмети, на Преродба со БЕСА, Биљал Касами, и на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, ќе излезат со заедничка платформа која ќе биде став за преговорите со големите политички блокови на Македонците, за формирање коалициска влада.
Заедничката изјава на партиите на Албанците (интегрално).
Ние, претставниците на албанските политички партии во Македонија: Демократската унија за интеграција, Коалицијата Преродба со БЕСА и Алијансата за Албанците; почитувајќи ја слободната и демократска волја на албанските гласачи изразена на предвремените парламентарни избори во Република Македонија, на 11-ти декември, во духот на Охридскиот договор, на консензуалната демократија и потребата за исполнување на нормативните обврски кои произлегуваат од уставните измени, реафирмирајќи ги заедничките програмски и стратешки определби на албанците и сите граѓани на Република Македонија, посветени за просперитет и долгорочна стабилност на Македонија, предводени од заедничката посветеност за мир, стабилност, безбедност, меѓуетнички соживот, во духот на еднаквоста и достоинството, во согласност со европските и меѓународните конвенции, верска хармонија и соработка во земјата и регионот и ппределени, без друга алтернатива, за интеграција во НАТО и во Европската унија – Се согласуваме за взаемна поддршка на заедничката политичка агенда која предвидува реализација на следните цели, во идниот владин мандат и/или во секој понатамошен мандат;
- Постигнување целосна рамноправност во согласност со Охридскиот Договор и Уставот
– Правилно спроведување на принципот на мултиетничноста во Уставот на РМ, каде Албанците се сметаат како државотворна нација, поддржување секаква правна и уставна иницијатива која ja зајакнува националната рамноправност за албанското население.
– Постигнување целосна јазична еднаквост, употребата на албанскиот јазик на сите нивоа на власта и гаранција за неговата примена како фундаментално и уставно право. Уставот на Република Македонија треба да утврди дека „македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и албанскиот јазик со неговото писмо се официјални јазици во Република Македонија”.
– Сеопфатна дебата за знамето, химната и државниот грб на Република Македонија, со цел државните симболи да ја рефлектираат општествената мултиетничност и етничката рамноправност.
– Усвојување на Резолуција во Собранието на Република Македонија со која се осудува геноцидот врз албанскиот народ во Македонија во периодот од 1912 до 1956 година.
- Постигнување економска рамноправност и општествената благосостојба, особено преку рамномерен регионален развој
– Создавање нов механизам, во форма на една државна комисија за финансирање на општините, за донесување одлуки со право за владини грантови во корист на општините.
– Создавање министерство за политички систем и односи меѓу заедниците, како надлежен орган за почитување на правата на заедниците и поттикнување на економскиот и социјалниот развој во неразвиените подрачја.
– Остварување правична застапеност во органите за безбедност, војската, разузнавањето и правдата.
– Остварување правична застапеност во сите нивоа на централната власт, како и во јавните служби или претпријатија со јавни акции.
- Зајакнување на владеењето на правото, како предуслов за напредок на евроатлантскиот интегративен процес
– Спроведувањето на реформите во согласност со Договорот во Скопје, Препораките на Прибе, итните препораки на Европската комисија како и Препораките од Пристапниот дијалог на високо ниво со ЕУ.
– Поддршка за непристрасно вршење на работата на Специјалниот обвинител, без етнички и политички предрасуди.
– Целосно расчистување на прашањата и судските постапки како „Сопот”, „Бродец”, „Монструм” и „Куманово” преку една анкетна комисија или меѓународен независен орган.
- Создавање дух на доверба во функција на добри меѓуетнички односи како суштински елемент за политичка стабилност во земјата
– Преземање на афирмативни мерки за обезбедување финансирање на албанските културни институции на централно и локално ниво.
– Создавање на една централна институција за унапредување на јазиците на заедниците, која ќе обезбеди подготовка на преведувачи, уредници и предавачи.
- Решавање на спорот со името, во согласност со европските вредности и принципите на меѓународното право
– Усвојување заедничка и обврзувачка резолуција во Собранието на Република Македонија со која Владата на Република Македонија е обврзува активно да се вклучи кон решавањето на спорот со името.
– Вклучување на Албанците во работната група за директни преговори со Грција.
- Добри односи со соседите
– Вклучување на Албанците во работната група за директни преговори со Бугарија.
– Соработка со Косово и Албанија за интегрирано гранично управување.
– Отворање на нови гранични премини.
- Брза интеграција во НАТО и во Европската унија“.
Исполнувањето на овие цели, според начелниот договор, требаше да се следи преку организирање тркалезна маса на албанските парламентарни партии. Тркалезната маса на албанските парламентарни партии ќе се одвива во согласност со принципот на ротација и ќе служи како платформа за усогласување на политичкото дејствување и транспарентна комуникација со меѓународните партнери на Македонија, особено барајќи ја поддршката на Европската унија и меѓународните институции“.
Заев исполнува и повеќе од бараното и ветеното
Како погоре споменатата „надзорна тркалезна маса“ досега го оценува остварувањето на Тиранската платформа, засега не ѝ познато на јавноста. Тоа е можеби затоа што откако е на власт СДСМ ревносно ја спроведува грижејќи се за одржување на кревкото мнозинство во Собранието, што се покажа во неколку случаи, а во некои сегменти очигледно и го надминува ветеното, што е впечаток кој превовладува во јавноста.
Така, на пример, ако во Тиранската платформа се наведува „расчистување на прашањата и на судските постапки како Сопот, Бродец, Монструм и Куманово преку една анкетна комисија или меѓународен независен орган“, Заев отиде чекор натаму и почна да ги ослободува обвинетите лица, како во приемерот со случајот „Монструм. Така, беше донесена одлуката обвинетите за тероризам за петкраткото убиство кај Смилковското езеро или лицата од случајот „Монструм“, да останат на слобода и покрај тешкото дело.
На почетокот од минатата година претседателот на ДУИ, Али Ахмети во гостување на телевизијата АлсатМ зборувајќи за реализацијата на платформата, која тој ја опишува како „договор“ рече дека „Во тој договор е законот за албански јазик, во тој договор е дека треба да се бара истрага или меѓународен мониторинг за некои случаи како случајот Монструм, Кумановскиот случај. Секогаш ги имаме повторувано, цело време, случајот Бродец. И тие веќе се во фаза на реализација. И тие случаи, секако има случаеви кои вие не ги слушате. И изјавата од премиерот на земјава, дека ние се согласуваме и се договоривме да се направи мониторинг и да се расветли вистината за сите овие сомнителни случаи. Така што, како пакет, тој договор веќе се спроведува како ветување кои го дадовме на албанскиот електорат“.
А веќе во февруари истата година Владата одлучи да даде 800.000 евра за формирање паралелен на држаниот ансамбл „Танец“, албански народен ансамбл, откако кон крајот на претходната година порачаа дека сметаат оти постои потреба од основање нова Национална установа Анасамбл за албански народни ора и песни во Република Македонија – Скопје.
На дневен ред стаса и Законот за јазиците кој беше протуркан низ законодавниот дом без вистинска расправа за амандманите поднесени од ВМРО-ДПМНЕ. Со ваквата идеја на ДУИ или на првиот човек на Собранието, Талат Џафери, не се прави ништо друго освен тешко дело како непочитување на Устав, потоа непочитување на Деловник.
„Законот конечно треба да се донесе согласно Уставот и законите… Со тоа ќе биде затворен последниот легалистички аспект од Рамковниот договор“, изјаво тогаш Заев што јасно укажува дека, сепак, не успеал да даде отпор на притисокот од Ахмети. И покрај тоа што повеќето пратеници на неговата СДСМ ја ескивираа тогашната пленарна седница на којашто требаше да се отвори повторната расправа за текстот на законот, очигледно испраќајќи порака дека не се „најсреќни“ со ова решение.
Што останува уште од платформата?
На крајот на документот се заклучува дека целта е интегрирање во НАТО и ЕУ, но впечатокот што го оставаат коалициските партнери СДСМ и ДУИ е како да се натпреваруваат кој што побрзо да продаде кога станува збор за интересите на државата.
А, граѓаните на последните парламентарни избори гласаа за ветените европски реформи и подобар животен стандард, а не за постизборна платформа изработена во и за интерес на туѓа држава, чиешто остварување од договорената коалиција дојде на власт всушност ќе го заземе целиот мандат на штета на придобивките за сите граѓани во земјата. На тоа беше предупредувано уште на самиот почеток на политичката криза, и особено по медиумските истапи во предизборната кампања на сегашниот премиер во Тирана, Приштина, Швајцарија – дека со тоа освен што им поставува репери на албанските партии да се натпреваруваат во радикалноста на нивните барања, ги исцртува контурите на онашто е вистинската цел – редефинирање на земјата, иако во земјата не е направен вистински попис на населението речиси три децении, кој би ја отсликал и реалната состојба на населението во Македонија. А што е едно од клучните прашања, како за планирање на економијата, така и за поставување на нештата на реални основи, во однос на меѓуетничките релации во општеството.