Три деца болни од рак заразени со морбили на Детската клиника. Нивната здравствена состојба засега е стабилна. Едно од децата по третманот е пуштено на домашно лекување, објави телевизија Сител.
Тоа се деца од хематоокнолошкиот оддел кои се заболени во тек на примање на терапија. Ова се деца кои престојуваат на Оддделот за хематоонкологија и кои за викенди одат во дневна болница и доаѓаат, изјави д-р Катерина Ставриќ, директор на Клиниката за детски болести.
Од почетокот на епидемијата вкупно 8 здравствени работници од Детската клиника биле заразени со морбили. Работеле во амбулантата каде имале директен контакт со веќе заболени. Сите биле вакцинирани, но повеќето со само една доза.
Лицата кои се родени по 1982 година имаат примено две дози вакцина, но има и постар персонал кој има примено само една доза од вакцината, изјави д-р Ставриќ.
Вчера на инфективна биле регистрирани уште 8 нови случаи со морбили. Две лица се задржани на лекување. Во моментот на Клиниката се хоспитализирани 20-тина пациенти со мали сипаници.
Ситуацијата будно се следи и се држи под контрола, изјави д-р Милена Стевановиќ, директор на Клиниката за инфективни болести.
Од почетокот на епидемијата со МРП биле вакцинирани 4200 лица. За 624-те вакцини со погрешни декларации Агенцијата за лекови донесе решение да бидат уништени.
Повлечените количини од лекот PIORIX(ПРИОРИКС) се со погрешна налепница и не може да се дозволи да се употребуваат, соопштија од МАЛМЕД.
Уништувањето на вакцините во Дрисла нема да се случи уште десетина дена бидејќи печката за медицински отпад е во дефект и работат на промена на соодветниот дел, потврди за Сител директорот на депонијата.