Три италијански второлигашa банкротираа, неизвесен стартот на првенството

Наспроти тоа што италијанските фудбалски прволигаши во летниот преоден рок потрошија повеќе од милијарда евра, во втората лига владее хаос, откако три клуба банкротираа и во прашање е доведен почетокот на првенството закажан за овој викенд.

Во периодот од последните четири седмици банротираа некогашните прволигаши Бари, Авелино и Чезена, и наместо 22 клуба, Серија Б сега има 19 клубови.

Челниците на Серија Б најавија дека првенството ќе продолжи со 19 екипи, меѓутоа на тоа се противи Италијанската фудбалска федерација, но и клубовите кои минатата година испаднаа во третата лига. Хаотичната ситуација ја дополни и Здружението на фудбалерите (AIC) коешто побара одложување на првите две кола заканувајќи се дека овој викенд играчите ќе стапат во штрајк.

„Се противиме на одлуката оваа сезона втората лига да игра со 19 клубови. Ќе направиме преседан по кој веќе нема да има враќање. Предлогот на водството на лигата е смешен“, изјави претседателот на AIC, Дамијано Томази, поранешен италијански репрезентативец и играч на Рома.

Томази најави штрајк на фудбалерите доколку не се одложи почетокот на првенството.

„Одлуката за намалување на бројот на клубовите е далеку од границите на мандатот на комесарот за натпреварување. Ситуацијата се комплицираше и мораме да ја решиме пред почетокот на првенството“, додаде Томази.

Протестираат и клубовите кои минатата сезона испаднаа од Серија Б, Новара, Про Верчели и Тернана, како Сиена којашто очекува исход од дополнителните квалификации, сметајќи дека некој од нив треба да игра во втората лига на место клубовите кои банкротираа.

Првенството треба да започне во петок со натпреварот меѓу Бреша и Перуџа.