Нови два случаи на делта варијантата на коронавирусот, попозната и како „индиски сој“ се потврдени во приватната лабораторија при Клиниката „Жан Митрев“, соопштија попладнево оттаму. Со нив, официјално досега се регистрирани шест случаи на индискиот сој во Македонија.
Утрово делта сојот беше потврден кај 43 годишен пациент од Велес кој пред две недели се вратил од Англија. Тој има лесна клиничка слика е хоспитализиран во велешката болница.
Според Министерот за здравство Венко Филипче за уште четворица пациенти кои биле суспектни на индиската варијанта, дополнително се чекаат резултати. Еден од нив е во потешка состојба и е приклучен на респиратор во болница во Скопје.
„Секаде каде што скринингот ќе покаже дека не е британската варијанта се прави секвенционирање за да се потврди евентуалното присуство на индискиот сој и тоа сега се прави за овие четири случаи. Генерално, еве, и покрај тоа што се регистрираат во овој момент, нема притисок во болниците, нема ни прегледи. Од денеска во болницата во Битола не се лекува ниту еден пациент а во Охрид е останат само еден. Не гледаме притисок во болниците но ја пратиме ситуацијата“, рече министерот.
Откако во јавноста се отвори прашањето за евентуално воспоставување на нови мерки за оние кои доаѓаат од земји каде делта варијантата е широко распространета, Филипче најави дека Комисијата за заразни болести деновиве повторно ќе се состане, по што ќе заземат став за ова прашање.
„Мораме да бидеме внимателни при носење на мерките за да вистински служат и да штитат таму каде што треба. Во повеќе од 100 земји е веќе регистриран овој сој. Треба да имаме еден поорганизиран пристап и јас ќе разговарам денеска и утре со колегите министри од земјите во регионот..Србија, Албанија, Косово во рамките на онаа комуникација од берлинскиот процес за да заземеме заеднички ставови, мислам дека тоа е многу важно“, додаде Филипче.
Во последното деноноќие се забележува благ пораст на нови случаи на коронавирусот. Регистрирани се 16 заразени од кои 4 во Тетово, во Скопје и Струмица по 3, а во Куманово 2 нови случаи. Регистрирани се и 4 оздравени пациенти, а нема починати. Согласно последниот извештај бројот на активни случаи изнесува 142.