Три сценарија за почеток на учебната година

Досега од вкупно 31.447 лица вработени во училиштата, вакцинирани се околу 60%. Министерството за образование и наука (МОН) апелира наставниот и останатиот кадар во училиштата да се вакцинира со цел да го заштити сопственото, а со тоа и здравјето на најблиските.

За непречен почеток на новата учебна година системот за образование е подготвен за три сценарија кои се усвоени на владина седница.

„Првото за кое воедно и се залагаме, затоа што е од најдобар интерес на учениците и нема подобра алтернатива е целосно отворање на училиштата и сите ученици да бидат во клупите, согласно сите усвоени протоколи. Второто сценарио предвидува наставата да биде како и во 2020/2021 која што се покажа како успешна и ефективна – дел од учениците да посетуваат настава со физичко присуство под посебни протоколи, а дел да реализираат онлајн-настава и третото сценарио предвидува ротирање на учениците на една недела со физичко присуство во училиштата, за да нема нивно целосно затворање“, се наведува во соопштението на МОН.

Кое од трите сценарија ќе се применува ќе зависи од епидемиолошката состојба за што одлука ќе донесе Комисијата за заштита од заразни болести.

МОН во соработка со Комисијата за заштита од заразни болести изработи План за одржување на наставата во учебната 2021-2022 година и протоколи за постапување на основните и средните училишта, кои пред повеќе од еден месец беа усвоени од Владата и доставени до сите училишта.