Се олеснуваат мерките за влез на државјаните на Македонија во Косово, Норвешка како и во Бугарија.
„Со најновата одлука на Владата на Косово, се укинува барањето за нашите државјани при влез да приложат потврда за примена трета доза на вакцина против коронавирусот. Со новата одлука која ќе стапи на сила почнувајќи од утре, нашите државјани можат да влезат во Косово доколку поседуваат сертификат за примени две дози вакцини против Ковид-19, или една доза но со ПЦР тест.
Норвешка им ги укина ограничувањата за влез на наши државјани, при што сепак продолжува да се бара пополнување на формулар за регистрација пред влегување во Норвешка (https://reg.entrynorway.no/) како и задолжително приложување на негативен ПЦР тест направен 24 часа пред влез во Норвершка, доколку лицето е постаро од 18 години и не поседува валиден сертификат за вакцинација или за прележан Ковид-19.
Олеснети мерки за влез и во Бугарија, кои предвидуваат приложување на еден од следните документи: сертификат за примени две или три дози на вакцина против Ковид- 19; сертификат за прележан Ковид- 19; негативен ПЦР; или негативен антиген тест“, се наведува во соопштението на Министерството за надворешни работи.
Од понеделник Грција ќе ја укине мерката, воведена на 19 декември 2021, за задолжителен ПЦР/рапид тест и за вакцинираните и за невакцинираните патници за влез во земјата, мерка што важи и за државјаните на Северна Македонија.
Министерот за здравство Танос Плеврис рече дека за оние кои имаат валиден европски сертификат нема да биде потребен тест за патување во Грција.
-Од понеделник 7 февруари влезот во земјата за оние кои имаат активен европски сертификат ќе биде без задолжителен тест, изјави Плеврис.
Последната министерска одлука од 24 јануари е во сила до понеделник во 6 часот наутро и предвидува задолжителен негативен тест ПЦР или рапид-тест за сите патници, без разлика на националноста и начинот на влез во земјата и независно дали се или не се вакцинирани.
Во Европа сè повеќе расте оптимизмот дека се ближи крајот на пандемијата и сè повеќе држави ги укинуваат речиси сите епидемиолошки мерки, но експертите апелираат за внимателност.
Речиси сите епидемиолошки мерки се укинати во Велика Британија, Данска, Норвешка и во Шведска. Маските на отворено повеќе не се задолжителни во Франција, а во Шпанија од следниот четврток Владата ќе го укине задолжителното носење маски на отворено – мерка која беше воведена на крајот на декември за да се спречи ширењето на варијантата омикрон. Италијанската Влада во средата соопшти дека ќе објави распоред за постепено укинување на ограничувањата.
Појавата на сојот омикрон кон крајот на минатата година, што е позаразен, но помалку опасен, за многумина е индикатор за крај на панедмијата. Бројот на заразени сè уште е голем, но има помалку хоспитализирани, а се намалува и бројот на починати. Тоа е случај во државите каде поголемиот дел од населението е вакцинирано против КОВИД-19.
Причина за оптимизам е и што одделни фармацевтски компании произведоа таблети против КОВИД-19. Но, експертите потенцираат дека сè уште треба да се биде внимателен, бидејќи сојот омикрон предизвика смрт на голем број луѓе, пред сè кај невакцинираните.
Горниот дом на австрискиот Парламент усвои закон со кој вакцините против коронавирус ќе бидат задолжителни за возрасните, што е прв таков потег во Европската Унија. Околу 69 отсто од австриското население е целосно вакцинирано против коронавирус, што е една од најниските стапки во Западна Европа.