Трифун бара, дали СДСМ ќе допушти спасување на Еуростандард банка?!

Трифун Костовски, како акционер на Еуростандард банка, денеска преку јавен повик побара од сите политички партии, сите институции, сите владини, невладини и верски организации, да дадат поддршка, Народна банка, да ја повлече одлуката за стечај на Еуростандард банка и да ја врати во првобитна состојба.

Костовски тврди дека потенцијални купувачи на банката се подготвени да вложат сериозни средства и да го овозможат нејзиното работење во банкарскиот сектор.

„Доколку сакаме мир во земјава и спокој на граѓаните, мора да ги имате предвид последиците што ќе се појават во периодот кој следи, а кои таксативно ќе ги наведам. Клиентите на Еуростандард банка, кои се оштетени со оваа одлука ќе бидат целосно вознемирени со преземање активности да си го вратат своето. Поради софтверскиот систем за исплата на пензии, неколку илјади пензионери ќе се соочат со неможноста редовно да ги добиваат своите пензии, а тоа е најранливиот слој на граѓани во Македонија. Масовни отпуштања и зголемување на невработеноста, како на вработените во Еуростандард банка, така и на вработените во Македонски пошти, поради неможноста да остварат приход и да ги заработат чесно своите примања. Ќе се врати довербата во банкарскиот систем на граѓаните кој за жал, сведочиме дека има многу нарушен кредибилитет и создава општа несигурност и за ваквиот потег се бара доблест и акција за стабилизирање на севкупната ситуација за граѓаните во Република Македонија и посебно на банкарскиот сектор“, наведува Костовски во јавниот повик.

Народна банка на 12 август ја одзеде дозволата за работа на Еуростандард банка – Скопје поради неисполнување минимални законски услови за работење.

Костовски веднаш потоа обвини дека случајот е „сценарио коешто е правено со месеци наназад за никој да не знае само блиски до тие кругови од НБ на време биле известени да си ги повлечат парите“ и најави тужба против државата и НБРМ пред меѓународен суд.

Од НБ најавија дека ќе го тужат заа изнесените невистини.

Во врска со барањето на Трифун Костовски Народна банка излезе со соопштение.

„Народната банка ја укина дозволата за основање и работење на „Еуростандард банка” АД Скопје на 12 август 2020 година, заради несолвентност на Банката, односно неисполнување минимални законски услови за работа на банка, при неостварување на преземената обврска од сопствениците за навремено обезбедување на неопходниот капитал за работа на Банката, од сопствени извори или од потенцијален инвеститор којшто ги исполнува законските услови и критериуми за акционер на банка.

Согласно со законската регулатива, со денот на донесувањето на Решението за укинување на дозволата за основање и работење на банка, банката престанува со работа и престануваат надлежностите на Народната банка.

Како што веќе имаме истакнато, при остварување на своите законски утврдени цели и задачи, Народната банка се води исклучиво од законите, притоа штитејќи го интересот на граѓаните“, се наведува во реакцијата на НБ.

Да посетиме „Еуростандард банка“ само до пред година ипол вредеше 200 милиони евра. Според сознанијата до кои дојде НетПрес, од извори многу добро запознаени со состојбата на банката, постоела и сѐ уште има можност таа да биде спасена, но прашање е колку за тоа волја ќе има старо-новата владејачка стуктура.

Епилогот од стечајот на „Еуростандард“ на 12-ти авгус се 100 илјади блокирани сметки, четириесетина илјади пензионери без своите пензии, измамени штедачи и над 20 милиони евра депозити. Воедно во овој случај се отвора и сомнеж за криминално и коруптивно делување, особено во случајот на министерката Нина Ангеловска, која сигурно била запознаена со одлуката банката да биде однесена во стечај и да се прекине обидот за нејзино спасување, па си го повлекла својот влог од 250 илјади евра. Во секој случај, ситуацијата на банката во која доминантна сопственост има еден од најголемите македонски бизнисмени Трифун Костовски, ќе биде уште долго новинарски истражуван. Но секако и правно, бидејќи Костовски на прес-конференција најави дека правдата и вистината ќе ги бара, ако треба и пред арбитражните судови во странство.

Од друга страна, опозициската ВМРО-ДПМНЕ обивни дека се делени кредити од над 20 милиони евра без покритие на струмички компании блиски до власта. Овој податок, за кој се уште нема официјални ставови, фрла сомнеж дека нешто матно се подготвува на сметка на државата, нормално и на граѓаните.

Нашите соговорници како скандалозно го посочуваат и тоа што за отворената стечајна постапка првото рочиште е закажано дури на 8-ми октомври, а оти е именувана судијката Ирена Петрушевска која била ангажирани во бројни стечајни постапки за фирми кои биле проследени со сомневања за коруптивни активности.

Како што рече и на прес-конференцијата самиот Костовски, покрај сопствените вложувања во санирањето на состојбата на банката, биле водени и сериозни преговори за купопродажба на „Еуростандард“ банката, но која не се случил и претходните месеци поради отежнатите услови за патувања и договарања наметнати со рестриктивните мерки во услови на пандемијата на коронавирусот. Сега, според документите произлегува дека договор за купопродажба на банката е скучен на 14-ти август, а два дена претходно Народната банка ѝ ја одзема лиценцата за работа на „Еуростандард“, иако несомнено е дека потполно била запознаена со настојувањата да таа да биде санирана или да го смени сопственикот, кој ќе инвестира во нејзиното санирање.

Имено, според нашите соговорници, постои Договор за купопродажба на „Еуростандард“, кој е потпишан меѓу Трифун Костовски и извесен бизнисмен Иван Жилиќ. Станува збор, според достапните информации, за Хрват од босанскохерцеговско потекло, кој својот завиден капитал го стекнал како иноватор. За договорот се преговарало пред стечајот на банката и бил постигнат договор за купопродажба, кој за жал на сега оштетените македонски граѓани и фирми, не се оствари. Како што рече и самиот Костовски на средбата со новинарите, без да го открива идентитетот на заинтересираната страна, бил обезбеден сигурен и стабилен инвеститор, но стечајот ја стопирал реализацијата на договорот. Во моментов и според приложениот документ се зборува за сума од 100 милиони евра кои би се инјектирале во банката, како дел од промена на сопственичката структура и инвестиции. Притоа, Костовски го известил Жилиќ дека лично ги информирал гувернерката и Народната банка дека има понудувач, а оти тоа го сторил на 10-ти август. Со тоа, би отпаднала потребата од одземањето на лиценцата за работа на „Еуростандард“ банката и поведувањето на стечајната постапка. Но и покрај тоа, сепак само два дена подоцна е донесена, како што се покажува сега, во најмала рака контроверзната одлука.

Таква потврда дал и самиот Иван Жилиќ за новинарот Зоран Божиновски, кој објави фрагменти од преписката со бизнисменот. Божиновски на својот портал Буревесник објави, покрај делови од преписката со Жилиќ, и дека од проверката во германскиот Централен регистер дошол до податоци дека станува збор за бизнисмен кој има регистрирано иновации на свое име во износ од над 20 милијарди евра.

Бидејќи овие информации не се негирани или деманирани од прозваните, оттаму сега се поставува сомнежот дека не е скандал само дозволувањето да се згасне една банка, да се доведе во прашање кредибилитетот на македонскиот банкарски систем и оштетувањето на домашните штедачи и компании. Скандалозно, имено, е и тоа што доколку гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и Комитетот за финансиска стабилност знаеле за преговорите и уште повеќе за постигнатиот договор меѓу Костовски и Жилиќ, зошто тогаш не дале шанса да се финализира зделката во предвидениот период, а разликата е само неколку денови, па нека е и седмици.

Истовремено, скандалозно е тоа што со одлуката за стечајот на банката се прекинува инвестиција од 100 милиони евра кои потекнуваат од Европската унија. Интересно, слична работа се случи во време на владеењето на СДСМ, во 2005 година, кога пропадна интересот на бугарската групација ДЗИ, која единствена од источна и централна Европа тогаш котираше на њујоршката берза процената на 1,7 милијарди евра, за преземање на три помали пропаднати македонски банки.

Засега е неизвесно како натаму ќе се одвиваат случувањата со „Еуростандард банка“ АД Скопје. Меѓутоа, според нашите соговорници Хрватот од Германија нема да се откаже од преземање на банката. Каков ќе биде односот кон оваа ситуација на државните власти и финансискиот регулатор, ќе посочи и кон одговорот на прашањето зошто за само неколку дена разлика е донесена одлуката за туркање на банката во стечај, наместо да се дозволи нејзиното стабилизирање, како и она дали има некоја друга заднина на пропаѓањето на „Еуростандард банката“.

Што наумила власта никој не знае, а не се знае бидејќи има многу калкулации кои се поврзани со опстојувањето на се уште не изгласаната Влада. Дали СДСМ и тајкуните околу нејзе форсираат сопствени интереси за пропаѓање на одредени банки?