Тринаесет членки на ЕУ бараат да се обезбедат вакцини и за соседните земји

Тринаесет земји членки побараа во средата од Европска комисија да обезбеди вакцини за Covid-19 и за земјите од западен Балкан и за земјите од иницијативата Источно партнерство.

Министрите за надворешни работи од 13 земји членки на ЕУ испратија во средата писмо до Европската комисија во коешто бараат дел од вакцинтие за кои ЕК потпишала договори за набавка да им се дадат на најблиските соседи на Унијата, на земјите од западен Балкан и на земјите од Источното партнерство.

Писмото го потпишаа шефовите на дипломатиите на Бугарија, Унгарија, Данска, Естонија, Полска, Финска, Литванија, Латвија, Литванија, Словачка, Романија, Хрватска и Шведска.

„Силно ги поддржуваме напорите и иницијативите на државите членки и на Европската комисија да се поделат вакцините со најблиските соседи ЕУ“, се вели во посмото на министрите.

Земјите од западен Балкан: Македонија, Албанија, БиХ, Црна Гора, Србија и Косово, како и земјите од Источното партнерство: Азербејџан, Белорусија, Грузија, Ерменија, Молдавија и Украина, немаат ист пристап до вакцините против Covid 19, кои со производителите ги обезбеди Европската унија.