Во пожарот во колеџ во украинскиот црноморски пристанишен град Одеса како исчезнати се водат 13 лица, соопшти во средата вечерта службата со односи со јавноста на полицијата на Украина.
„Максималните напори во моментов се насочени на ликвидирањето на пожарот и потрага по лицата за кои не е утврдено каде се наоѓаат“, се вели во објавата на украинската полиција на Facebook/
Бројот на повредени во средата вечерта се зголемил на 29, а едно лице починало. Спасувачите го локализирале пожарот на 4.000 квадратни метри околу 15 часот, а продолжуваат напорите за ликвидирање на огнот.
Големиот пожар во историската зграда во Одеса, во којашто се сместени економскиот, правниот и колеџот за хотелско-ресторански бизнис избувна во средата претпладнето. Според очевидци, спасувајќи се од огнот некои од учениците скокале од четвртиот и петтиот кат врз паркирани автомобили. Според украинската служба за справување со вонредни состојби, пожарот избувнал на третиот кат од шесткатното здание.