Трипуновски: Над 50 милиони евра помалку за земјоделците догодина, a СДСМ се фали дека работат за народот и земјоделците

Повеќе од 50 милиони евра помалку за земјоделците за догодина, и СДСМ пак се фали дека работат за народот и земјоделците. Дали навистина мислите дека некој ви верува?, забележа во саботата Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ, кој реагираше на претходната објава на заменикот министер Трајан Димковски според кој буџетот за земјоделството за 2022 година изнесувал 9,13 милијарди денар и оти е „развоен и насочен на капитални водостопански инвестиции“.

„Пет години по ред нема сигурен откуп ниту нормални откупни цени за земјоделските производи. Власта не се потруди да обезбеди откуп. Пет години по ред јаболката завршуваат во Преспанско Езеро, праските во депониите, пиперките на буниште, оризот скапува во амбарите, тутунот го палат или продаваат по мизерни цени“, се наведува во реакцијата на Трипуновски.

Пораешниот заменик на министерот во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во продолжение додава дека во споменатиот буџет и програма за следната година во ресорот не се забележуваат планови и мерки за подобрување на ситуациајта во аграрот.

„Не гледам ниту една мерка, која владата ја планира, а е насочена кон обезбедување на сигурен откуп. Нема. И годинава што доаѓа ќе гледаме како земјоделците нема каде да си го продадат родот свој.

Со хидроакумулациите не знаат како да управуваат. Вода нема ниту за земјоделците, ниту за производство на струја. Во нови капацитети не се инвестираше 5 години.

Од пресот се гледа безидејност и незнаење. Затоа колку побргу си заминат толку подобро за Македонија, само така ќе имаме можност да ги исправиме работите“, заклучува Трипуновски.