Трипуновски: Владата не направи ништо за лозарите, цената за килограм грозје од 4 денари е понижување за лозарите

Ситуацијата со откупот на грозјето е алармантна. Сезоната на откуп на грозје веќе е во завршна фаза, а повеќе од половина од грозјето  се уште не е откупено. Откуп нема, а на неколку места на кои што се откупува откупната цена е по мизерни 2 – 4 денари, порачува Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ.

-Дали ова е решението кое Заев им го понуди на лозарите пред две недели?! Ова е кантарната белешка од која се гледа дема сега грозјето се откупува и по 4 денари за килограм! Тоа се пари со кои што не може да се платат ниту работници, а не нешто да се заработи. Ова е класично потценување на трудот и маката на лозарите. СДСМ уште во 2016 година ветуваше дека ќе го реши откупот, а денес после 4 години власт не само што не е решено, туку е многу полошо! Лозарите од Тиквешијата се соочуваат со најлошата откупна година во последните декади. Цената која им се нуди за килограм грозје не е доволна ниту да ги покрие основните производствени трошоци. Уште во февруари алармирав и посочував дека ќе дојде до проблеми при откупот, затоа што власта ниту се интересира, ниту сака да им помогне на лозарите. Државата преку МЗШВ не се потруди ниту да најде пласман, напротив игнорантски се постави кон лозарите, рече тој.

Трипуновски порача дека Владата не си ги извршува ниту основните цели и задачи.

-Четири години СДСМ не се потруди ниту за создавање на мали и средни винарии, ниту пак инвестиции во преработувачки капацитети во Република Македонија. Колку е голема неспособноста на власта говори фактот, што во светот моментално илјадници луѓе гладуваат. А, во Македонија имаме проблеми со откупот на храна. Апсурд и доказ за ноторна неспособност. Тоа е така затоа што на власта и е поважен бизнис интересот на семејството на власта, отколку народот. Ова мора да запре. Решение мора да се најде. Лозарите не смеат да патат, порача Трипуновски.