Трипуновски: Во 100-те дена влада на СДСМ, 20.000 тутунопроизводители не можат да го пласираат родот, на маки се и оризарите и лозарите

Сто дена влада на СДСМ се сто маки за земјоделците. Владата на СДСМ донесе само нервоза и немаштија. Изневерени и излажани се тутунарите, лозарите, градинарите, сточарите, излажани се сите земјоделци во Република Македонија. Од ветените инвестиции во земјоделството нема ништо. Субвенциите доцнат, нема инвестиции во водостопанството, нема привлекување и изградба на нови преработувачки капацитети. Едноставно кажано министерството и владата на Зоран Заев немаат стратегија за подобро земјоделско производство во Република Македонија, обвинува Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ.

„Владата на Зоран Заев нема решение за преку 20.000 семејства тутунопроизводители, кои во моментов не можат да го пласираат својот труд. Денес цената на тутунот СДСМ ја врати како во времето на транзицијата. Тутунарите работат за џабе, а некој друг брои милиони. Проблемите во овие 100 дена немаат крај, а за тоа за жал се сведоци и лозарите од Тиквешијата, кои својот род оваа година го предадоа по цена од мизерни 2 денари за килограм грозје. Замислете мизерни 2 денари за килограм грозје. Тоа е греота и срамота! Заев ги остави на цедило и сточарите, кои се уште ја чекаат субвенцијата која што им следува. Со истата мака се соочуваат и оризарите од кочанско, кои што оваа година покрај неисплатените субвенции, не можат да го продадат ниту родот свој“, рече Трипуновски.

Потсети дека Заев е политичарот кој пред четири години ветуваше сигурен откуп и високи откупни цени за земјоделските производи, само за да дојде на власта.

„Четвртата година со ред ниту имаме сигурен откуп, ниту повисоки откупни цени, наместо на пазар, земјоделските производи завршуваат на буниште. Во овие сто дена влада, Заев не им даде никаква надеж на земјоделците, дека можеби да биде подобро, напротив денес реалноста е многу полошо е. За да биде трагедијата уште поголема, Заев го загрози целото земјоделско производство за идната година. Со пресушувањето на акумулациите не само што се предизвикува еколошки проблем, туку и се става под знак прашалник идната земјоделска реколта, односно нивите се оставаат без наводнување. Акумулациите се речиси на биолошки минимум, и виновникот за тоа има име и презиме, а тоа е Зоран Заев, кој поради желбата за профит ги испразни езерата и акумулациите. Покрај вештачките акумулации на раб на опстанок е и Преспанското езеро, езерото кое ни е заштитено со закон. Исто така нивото на Охридското езеро е на 2 сантиметри под биолошкиот минимум, со што е загрозен целокупниот биодивирзитет. Катастрофата која Заев ја причини во овие 100 дена ќе има последици не само сега, туку и во идните неколку години. Заев, секое твое останување на премиерската позиција ќе значи катаклизма за Македонија. Затоа оставка веднаш и формирање на влада за национален спас“, истакна Трипуновски.