Тројца албански државјани осомничени за трговија со дрога во Гостивар

Основното јавно обвинителство Гостивар поведе постапка против три лица, албански државјани, за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело – неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.

– Тројцата, од почетокот на месецов, набавиле наркотична дрога марихуана, од која дел им била наменета за лична употреба, а дел за препродажба на други лица на подрачјето на Гостивар и околните села, соопштија од ОЈО.

При претрес во собата во која престојувале осомничените на 13 февруари, како што наведоа од ОЈО, полициските службеници пронашле околу 227 грама марихуана во повеќе најлонски пакувања, дигитала вага и дробилица. Извршената проверка покажала дека лицата на возраст од 28, 20 и и 34 години не оствариле легален влез преку граничен премин на територијата на државава.

– Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Гостивар достави Предлог за определување краткотраен притвор за тројцата осомничени. Судот го прифати предлогот и на осомничените им определи притвор од 48 часа. По комплетирање на предметот со резултатите од наредените вештачења, Основното јавно обвинителство Гостивар ќе достави до Судот нов предлог за определување мерки за обезбедување на осомничените, соопштија од ОЈО.