Тројца Јапонци од 206 евакурани од Вухан заразени со коронавирус

Тројца од 206-те Јапонци кои беа префрлени во татковината во средата од кинескиот град Вухан, се заразени со новиот сој коронавирус, а две лица одбиле да бидат тестирани, објавија во четвртокот јапонските здравствени власти.

„Едно од трите заразени лица развило симптоми, а две сѐ уште не“, појасни во четвртокот министерот за здравство, Катсуноби Като пред парламентарната комисија.

Сите три лица се згрижени во болница во Токио, во оддел посебно подготвен за прифаќање пациенти заразени со коронавирусот, изјави премиерот Шинзо Абе, исто така, присутен во парламентот.

Од сите вратени во Јапонија, вкупно се хоспитализирани 15 лица. Сѐ уште не се познати резултатите за 210 Јапонци кои се вратени во четвртокот утрото со друг авион. Телевизијата NHK јави дека од нив 14 се задржани во болница.

Севкупно со двата лета во Јапонија се вратени 416 лица, од 650 колку што изразиле желба за враќање во татковината. Третиот лет е предвиден, но можно е бројот на оние кои сакаат да се вратат во земјата да се зголеми, доколку состојбата се влошува.

Со трите нови случаи бројот потврдени пациенти заразени со коронавирусот во Јапонија се искачи на 11 лица.

Американските власти, пак, објавија дека ниеден од 195-те вратени Американци од Вухан не покажува симптоми на болеста. Тие пристигнале во средата утрото во воената база Риверсајд во Калифорнија, и таму во карантин ќе остана 72 часа.