Tројно e зголемена потрошувачката на лекови за пациентите од ковид-19

Министерот д-р Венко Филипче денеска се сретна со директорите на интерните клиники и разговараа за третманот на болните, моменталната состојба со капацитетите на ковид центрите и ротациите со персонал, информира Министерството за здравство.

На состанокот се разгледуваше состојбата за достапност на болничка терапија за ковид пацинетите кои се хоспитализирани. И покрај зголемената побарувачка на одреден број на лекови, доставата на терапиите оди тековно и нема застој. За некои лекови кои се користат во болниците, потрошувачката е тројно зголемена во однос на истиот период лани, но потребните колични се испорачуваат и нема недостиг од лекови.

Во моментов има доволно слободни места на интерните клиники, а Министерството за здравство, ја следи состојбата со бројот и приемот на пациенти и доколку се јави потреба ќе се отворат дополнителни капацитети за згрижување ковид пациенти. Во однос на кадарот ќе бидат испратени дополнителен брoј лекари во сите ковид центри на интерните клиники.