СВР Охрид поднесе кривични пријави против три млади лица кои се пријавени за насилство во охридското село Лескоец по расправија за купување алкохол во локалната продавница, во периодот кога не е дозволено продавање вакви артикли.
Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „насилство“, СВР Охрид поднесе кривична пријава против О.М. (23), Х.В. (23) и П.Д. (22), од Охрид.
Пријавените, казненото дело го сториле на 22 јуни околу 21 часот пред продавницата „Гобекс“, во охридското село Лескоец, во момент откако вработената С.С. им кажала дека не е дозволено купување алкохолни пијалоци.
Тогаш пријавените почнале непристојно да се однесуваат и со пцовки да ја навредуваат, а потоа и физички ја нападнале заедно со нејзиниот сопруг Н.С. кој бил во непосредна близина и побарал од нив да престанат со навредите.
Во нападот пријавениот О.М. употребил мала метална лопата ашов којашто ја чувал во своето возило и на Н.С. му задал повеќе удари во пределот на десната рака и главата, а потоа и на уште две други лица кои сакале да го оттргнат Н.С. од напаѓачот.
Повредените биле пренесени на хируршкото оделение во Општа болница Охрид, каде им била укажана неопходната медицинска помош.