Трпките, вкочанетост, ткн „мртва рака“, нечувствителност на стапалата.., како и да се нарекува, е чувство коешто на сите ни се случува, но и постојано се прашуваме зошто и како да си помогнеме.
Стапалата, дланките, рацете и нозете се делови од телот коишто најчесто се „умртвуваат“, особено ноќе кога спиеме. Но зошто тоа се случува? Ова чудно чувство е всушност сосема нормална реакција на телото, велат лекарите. Станува збор дека нервите сигнализираат дека мора да ја промените незгодната позиција.
„Притисокот ги изложува нервите на стрес“, вели неврологот Катрин Хан од берлинската болница „Charite“. Доколку сте здрави, трпките не треба да ве загрижуваат. Токму напротив, тоа е знак дека вишите витални функции се во совршен ред, додава.
Појавата, исто така, има превентивна улога, бидејќи ве потсетува да се вратите во удобната позиција. „Кога нервот не би испратил сигнал, би можело да дојде до трајно оштетување“, вели уште Хан.
Доколку почувствувате вкочанетост, едноставно „разбудете“ ја раката или ногата така што ќе заземете пријатна позиција. Не треба да се протресуваат, враќањето во нормална позиција ќе биде сосема доволно.
Доколку нервот е отсечен само привремено, не треба да се грижите, порачува неврологот. „Чувството во раката или ногата се враќа многу брзо, најчесто за неколку минути“, додава. Меѓутоа, доколку не се поврати за неколку часа, треба да побарате лекарска помош. Кај доктор треба да се отиде и доколку нема некоја очигледна причина за вкочанетост или чувство на трпки во екстремитетите, предупредуваат стручњаците.