Тухел отпуштен од Челзи

Германскиот фудбалски стручњак, Томас Тухел доби отказ од Челзи. Лондонскиот клуб претпладнево преку својата веб-страница соопшти за прекинот на соработката со Тухел.

– Во име на сите во ФК Челзи, сакаме да ја изразиме својата благодарност до Томас и неговиот персонал за сите нивни напори за време на нивниот престој во клубот. Томас со право ќе има место во историјата на Челзи по освојувањето на Лигата на шампионите, Суперкупот и Светското клупско првенство во своето време овде. Со оглед на тоа што новата сопственичка група наполни 100 дена од преземањето на клубот, и како што продолжува со својата напорна работа да го подигне клубот напред, новите сопственици веруваат дека е вистинско време да се направи оваа транзиција. Тренерскиот штаб на Челзи ќе го преземе тимот за тренинзи и подготовка на нашите претстојни натпревари, бидејќи клубот брзо се движи кон назначување на нов главен тренер. Нема да има дополнителни коментари додека не се назначи нов тренер, стои во објавата на Челзи.

„Сините“ од Лондон вчеравечер загубија од Динамо Загреб со 1:0 во првото коло од Лигата на шампионите.

Во Премиер лигата, Челзи по шест кола има три победи, еден нерешен резултат и два пораза.