Тупанчески и Кан во посета на воспитно-поправниот дом во Волковија

Министерот за правда Никола Тупанчески заедно со регионалната директорка за Европа и Централна Азија на канцеларијата на УНИЦЕФ, Афшан Кан, беа во посета на Воспитно поправниот дом во Волковија.

Како што истакнаа на фејсбук-страната на Министерството за правда, целта на посетата е запознавање со активностите во однос на унапредувањето на правдата за децата.

-Беше направена обиколка на просториите на ВПД, а малолетниците ги презентираа идеите и механизмите на кои работеле во изминатиов период, наведуваат оттаму.

ВПД во Волковија е релативно нов комплекс со површина од 16 000 м2, ограден со жичена ограда, шеталишта, спортско игралиште за кошарка, мал фудбал и ракомет и во него се сместени 18 деца.

-Со подобрените услови се очекува значително да се зголеми грижата, ресоцијализацијата и рехабилитацијата на децата штитеници, посочуваат од Министерството.

Според нив, установата ги задоволува сите европски стандарди за сместување и работа со деца кои биле во судир со законот.