Турција ќе формира посебна авиокомпанија за руски туристи

Турските власти планираат да создадат специјална авиокомпанија која ќе превезува руски туристи во турските одморалишта, јавува Би-Би-Си, повикувајќи се на турски медиуми.
Веста доаѓа откако Европската агенција за воздухопловна безбедност ги суспендираше сертификатите за сите руски авиокомпании.
Турскиот весник „Сабах“ наведува дека ескалацијата на конфликтот меѓу Русија и Украина доведе до проблеми во туристичкиот сектор на Турција, бидејќи и Украина и Русија се многу важни за нејзиниот бизнис. Се вели дека новата компанија ќе биде со седиште во Анталија, пренесува Интерфакс.
Благодарение на таа авиокомпанија ќе може да се привлечат дополнителни милион руски туристи – се наведува во извештаите на турските медиуми, пренесува Дневни аваз.
Се тврди дека Туркиш ерлајнс се договорил со руските агенции дека ќе резервира блокови за седишта за руските туристи на своите летови. Турција наводно очекува најмалку два милиони туристи од Русија.