Турција ќе испрати над 8.000 борци на сириската опозиција во Либија

Турција мобилизира повеќе од 8.000 борци од сириската вооружена опозиција и има намера да ги испрати во Либија за поддршка на милициите кои се бират на страната на Владата на националното единство (GNA), која ја признава меѓународната зедница, пренесуваат во саботат медиумите.

Според саудиската телевизија Al Hadat, ваквата информација ја потврдил неименуван претставник на сириската опозиција. Според нив, првата група од 120 милитанти веќе била пренесена на либиска територија претходно седмицава.

За регистрирање на регрутите на сириска територија биле формирани четири центри, во градот Африн, во ел-Раи и Ахтарин, во зоните на северот од Сирија, кои се под контрола на турските сили и вооружените групации кои се под влијание на Анкара. Според саудиската телевизија, за изборот на борците е задолжена Бригадата на Султан Мурат, која е составена од етнички Туркмени кои ги населуваат северните делови на Сирија.

Претходно турската државна новинска агенција Anadolu Ajansi пренесе дека Партијата на правдата и развојот (AKP), на претседателот Реџеп Тајип Ердоган, има намера веќе на 30-ти декември во парламентот да го испрати предлог-законот кој на владата ќе ѝ даде мандат за испраќање трупи во Либија, откако наводно тоа од Анкара го побарала владата во Триполи. Гласањето за ова прашање може да биде ставено на дневен ред на 2-ри јануари.

Ердоган претходните седмици неколкупати изрази подготвеност да испрати турски единици во Либија, доколку владата во Триполи го побара тоа. На 28-ми ноември, Анкара и Триполи потпишаа меморандуми за соработка, од кои едниот е во областа на воената соработка.

Либија е поделена меѓу меѓународно признатата влада на Фаиз Сараџ во Триполи и владата на Абдула Абдулрахман ал-Тани со седиште во Тобрук, на истокот од земјата која е поддржана од Либиската национална армија (LNA), добро вооружена групација од поранешни војници и офицери лојални на маршалот Калифа Хафтар.

Од почетокот на април Хафтар најави офанзива чија цел е уништување на милициите кои тој ги смета за терористички групации и заземање на Триполи, но таа беше запрена. На 12-ти декември Хафтар објави почеток на решавачкото напредување кон Триполи, а во петокот неговите сили објавија дека се наоѓаат на десетина километри од центарот на либиската престолнина.