Турција ги блокира миноловците наменети за Украина

Турција во вторникот објави дека нема да дозволи на два воени брода миноловци коишто Велика Британија наводно ѝ ги донирала на Украина да пловат во нејзините води на патот до Црното Море, бидејќи со тоа се прекршува меѓународниот пакт за воени пловидби преку теснеците.

Велика Британија, којашто сѐ подлабоко е инволиврана во украинските борбени операции во Црното Море, во декември објави дека ќе донира два воени брода миноловци од својата Кралска морнарица на Киев за му помогне во неговите поморски операции во војната против Русија.

Турција, која е членка на НАТО а е исклучително чувствителна на почитувањето на нејзиниот суверенитет во услови на одбивањето на нејзините претензии за проширување на територијалните води за несразмерната големина на водите на нејзината соседка Грција, исто така, членка на Алијансата, ги известила западните сојузници дека нема да дозволи на воените бродови да пловат преку нејзините теснеци Босфор и Дарданели, сѐ додека трае војната во Украина, соопшти канцеларијата за односи со јавноста при турското претседателство.

„Нашите сојузници прописно се известени дека на бродовите миноловци кои Обединетото Кралство ѝ ги донирало на Украина нема да им биде дозволено да минат низ турските теснеци до Црното Море сѐ додека трае војната“, се наведува во соопштението објавено на социјалната мрежа Х.

Уште неколку години пред во 24-ти февруари 2022 година да започне руската инвазија во Украина, Турција ја актуелизираше Конвенцијата од Монтре од 1936 година, со којашто ефикасно го блокираше минувањето на воените бродови на нејзините западни сојузници, главно како реакција на ескалирањето на тензиите во Средоземното Море со Грција, а по почетокот на руско-украинската војна и за воените пловила на завојуваните страни.

Конвенцијата ги иззема воените бродови кои се враќаат во матичните бази, но ниту на Русија ниту на Украина од почетокот на војната досега не изразиле намери своите воени бродови да ги провлечат преку турските теснеци до Црното Море.

Турција ги предупреди и нецрноморските држави да не испраќаат свои воени бродови низ теснеците, иако според Конвенцијата од Монтре воени бродови на незавојувните земји можат да минуваат низ теснеците во време на војна, но со строги одредби. Конвенцијата, исто така, одредува дека Анкара го има последниот збор кога станува збор за минување на сите воени бродови, доколку смета дека е во опасност од вмешување во војна.

„Турција ја спроведува Конвецијата непристрасно и педантно за да спречи ескалација во Црното Море“, се истакнува во соопштението на турското претседателство.

Конвенцијата од Монтре потпишана во 1936 година, ѝ дава на Турција одредена контрола врз движењето на воените бродови низ Дарданелите и Босфорскиот теснец што ги поврзуваат Егејското Море, Мраморното и Црното Море.

Според одредбите од Конвенцијата од Монтре, којашто го регулира и пловењето низ Босфорскиот канал како единствениот природен пристап до Црното Море, земјите кои не излегуваат на ова море мораат претходно да го најават минувањето на своите бродови, а се ограничува престојот на воени бродови во водите на Црното Море на земјите што немаат излез и тие не смеат во тие води да ги задржуваат своите бродови подолго од 21 ден. Документот, исто така, предвидува дека во акваториумот истовремено може да се наоѓаат до девет такви бродови со вкупна носивост не поголема од 30 илјади тони.